Продолжува самитот на НАТО во Хаг, учествуваат Сиљановска, Муцунски и Мисајловски
Мисајловски, како што соопшти Министерството за за одбрана, на средбата подвлече дека нашата земја останува силно посветена на заедничката цел – безбедна и сигурна Алијанса и безбедни над една милијарда луѓе во светот.
„Исполнувањето на НАТО целите на способности се највисок приоритет на одбраната и тоа ќе се реализира преку инвестициите во одбраната, како и преку процесот на модернизација и опремување на Армијата кој е во тек“, истакна Мисјаловски.
Во составот на македонската делегација покрај министерот за одбрана Мисајловски, се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. Делегацијата е предводена од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска-Давкова синоќа присуствуваше на вечерата што ја организира холандскиот крал Вилем-Александар за учесниците на Самитот, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп.
Предвидено е претседателката и членовите на македонската делегацијата, на маргините на Самитот, да имаат повеќе средби со претставници на земјите членки на НАТО.
Во фокусот на дводневниот Самит во Хаг е предлогот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за зголемување на процентот на финансиските средства коjшто државите-членки на Алијансата годишно го одвојуваат од националниот БДП.
Во пресрет на Самитот, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте порача дека главниот фокус на собирот ќе биде на тоа да се обезбеди дека Алијансата има сѐ што ѝ е потребно за да може да одвраќа и да се одбрани од каква било закана.
Руте нагласи дека Самитот се одржува во „вистински историски момент“, во услови на растечки безбедносни предизвици и затоа како што светот станува поопасен, така сојузничките лидери ќе донесат смели одлуки за зајакнување на колективна одбрана, правејќи ја Алијансата посилна, пофер и поборбена.
Според Руте, овие заложби ќе вклучуваат нов план за инвестиции во одбраната, со кој ќе се постави цел издвојувањата за одбрани потреби да бидат на ниво од пет отсто од БДП и ќе се зајакне одбранбената индустрија низ Алијансата, што ќе донесе не само поголема безбедност, туку и повеќе работни места.
Планот, меѓу останатото, предвидува петкратно зголемување на капацитетите на противвоздушната одбрана, зголемување на бројот на тенкови и оклопни возила, поголемо производство на куршуми и артилериска муниција, подобрена мобилност на силите на терен и зајакнување на соработката со партнерите, пред се со Украина, ЕУ и партнерските земји од Индо-пацифичкиот регион.
Во рамки на работниот дел од Самитот, денеска ќе биде одржано заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави или влади, со кој ќе претседаваат Руте и холандскиот премиер Дик Схоуф.