Менди Ќура официјално кандидат за градоначалник на Струга: „Струга нема потреба од херои, туку од чесна работа“
Независниот кандидат Менди Ќура денеска ја објави својата кандидатура за градоначалник на Општина Струга, истакнувајќи дека одлуката ја донел по бројни повици и поддршка од граѓани, бизнисмени и млади, кои бараат промени и поинакво раководење со градот.
„Ова не е чекор што го презедов самостојно“, рече Ќура во своето обраќање. „Ова е одлука на многумина кои веруваат дека е време за нова визија и нова енергија во управувањето со нашиот град.“
Како што истакна, неговата кандидатура не е насочена против никого, туку е повик за обединување на сите што го споделуваат истиот сон за развој на Струга.
„Не доаѓам како спасител. Струга нема потреба од херои – ѝ треба чесна работа, мудро раководство и храброст да се промени она што не функционира“, порача Ќура.
Во својата програма, која ќе ја претстави во следните денови, Ќура најавува фокус на три клучни приоритети:
-
Транспарентност и правда за сите,
-
Одржлив развој и инвестиции во инфраструктура, образование, култура, млади и спорт,
-
Чесно претставување и отворен дијалог со секој граѓанин.
Кандидатот, кој има професионално искуство во економијата, вели дека неговата главна мотивација е љубовта кон градот и желбата да се создаде средина во која младите ќе останат, а секој жител ќе има еднаква шанса за подобар живот.
„Се чувствувам почестен, но и одговорен. Овој предизвик е еден од најголемите што сум го прифатил досега. Промената е неопходна и возможна“, истакна Ќура.
На крајот, упати отворен повик до сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност, да се обединат во поддршка на визијата „За Струга“.