Најава за вело-тура: „Вевчанска Голина Локва 2025“ – авантура низ Јабланица на две тркала

69

Организациите „Еко-свест Вевчани“ и „Рупикапра МТБ Струга“ со задоволство ја најавуваат традиционалната планинска вело тура „Вевчанска Голина Локва 2025“, која ќе се одржи на 6 јули 2025 година, со почеток во 09:00 часот од центарот на Вевчани.

Минатата година оваа велосипедска авантура привлече над 130 ентузијасти од цела држава, а годинава добива статус на традиционален настан, кој прераснува во вистински симбол на поврзување на луѓето со природата преку планински велосипедизам.

Целта на турата е да се промовираат природните убавини на планината Јабланица, заштитеното подрачје „Вевчански извори“, како и да се истакне потенцијалот за развој на планинскиот велосипедски туризам во овој регион.

Маршрутата, долга 30 километри со околу 1100 метри елевација, ги води учесниците од Вевчани, преку локалитетите Вевчански извори, Есејнца, Смолејца, Јанков Камен, манастирот „Св. Климент“, Горна Белица, па се до спектакуларниот Видиковец „Вевчанска Голина“, со враќање преку Средни Рид назад до Вевчани.

Турата е наменета за учесници со добра физичка подготвеност, а како додатна авантура се нуди и кратко планинарење (околу 30 минути) од Видиковецот до глацијалното езеро „Вевчанска Локва“ – природен бисер на планината Јабланица.

Организаторите ги повикуваат сите љубители на природа, авантура и велосипедизмот да земат учество на овој уникатен настан, кој претставува спој на спорт, екологија и промоција на локалниот туризам.

Makedonski