Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс ја направи разликата, Сенатот го изгласа законот на Трамп со еден глас разлика
Со само еден пресуден глас, Сенатот на САД вчера го изгласа законот на претседателот Доналд Трамп, со кој се продолжуваат даночните олеснувања воведени во 2017 година, но и се ограничува пристапот до здравствена заштита за милиони Американци, објави ЛА Тајмс.
Законот беше изгласан со 50 гласа „за“ од редовите на Републиканската партија, а потпретседателот Џеј Ди Венс го даде решавачкиот глас. Тројца републикански сенатори: Ренд Пол од Кентаки, Том Тилис од Северна Каролина и Сузан Колинс од Мејн им се придружија на сите демократи во Сенатот гласајќи против.
Сенаторката Лиса Марковски од Алјаска, која претходно изразуваше сомнеж за одредени одредби, го поддржа законот откако во него беа вклучени специјални мерки наменети за нејзината сојузна држава.
Според анализата на Невладината буџетска канцеларија (CBO), новите услови за добивање социјална помош и Медикејд може да резултираат со губење здравствено осигурување за 11,8 милиони Американци до 2034 година. Исто така, CBO проценува дека верзијата на законот усвоена во Сенатот ќе го зголеми националниот долг за најмалку 3,3 милијарди долари во следната деценија што е за една милијарда повеќе од верзијата што претходно ја усвои Претставничкиот дом.
Законот сега се враќа во Претставничкиот дом, каде што мора да се усогласи конечната верзија. Таму, неговото усвојување не е сигурно. Неколку републикански пратеници кои претставуваат окрузи со силна искористеност на Медикејд, заедно со т.н. „фискални јастреби“, може да го загрозат изгласувањето.
Малцинскиот лидер во Претставничкиот дом, демократот Хаким Џефрис од Њујорк, изјави дека очекува сите членови од неговата партија да присуствуваат и да се обидат да го спречат, нарекувајќи го законот „одвратна абоминација“.
Од Републиканската „Слободарска група“ во Претставничкиот дом, која се залага за фискална дисциплина, порачаа дека верзијата изгласана во Сенатот не е во согласност со претходно договорената буџетска рамка. Републиканецот Марлин Стацман од Индијана рече дека новиот текст сè уште содржи „неприфатливи зголемувања на дефицитот и националниот долг“.
Иако многу републикански сенатори имаа резерви, гласаа „за“ законот од страв дека ако не помине тоа би значело прекин на даночните олеснувања на крајот од годината.
Законот содржи и скапи програми, како зголемено финансирање за безбедноста на границите и одбраната. За да се компензира дел од трошоците, за првпат се предлагаат кратења во Медикејд, програмата ОбамаКер и програмата за помош со храна (СНАП).
Меѓу критичарите е и Маја МекГинис, претседателка на Комитетот за одговорен федерален буџет, која оцени дека законот ќе го зголеми дефицитот за 600 милијарди долари само во 2027 година и ќе го искачи буџетскиот дефицит над 7 отсто од БДП. Таа го нарече изгласувањето „чин на неодговорно владеење“.
„Ова е истата група политичари која со години се жалеше за националниот долг, а сега го зголемува за уште 4 милијарди долари“, додаде МекГинис.
По гласањето, сенаторката Марковски изјави дека изборот бил „болен“, но дека морала да размислува за интересите на нејзината сојузна држава.
„Немаме совршен закон. Се надевам дека Претставничкиот дом ќе разбере дека сè уште не сме таму“, рече МекГинис.
Сенаторката Колинс, која се соочува со реизбор следната година, објасни дека нејзиниот глас „против“ е поради негативното влијание врз Медикејд.
„Програмата Медикејд е сигурносна мрежа која речиси 60 години им помага на луѓе кои се во тешка финансиска состојба“, напиша таа на мрежата X.
Демократите го нарекоа законот штетен за милиони Американци и за иднината на Републиканската партија.
„Секој сенатор од Републиканската партија на изборите ќе мора да се соочи со последиците од овие сурови и непопуларни кратења“, изјави сенаторката Кирстен Џилибрант од Њујорк.
Сенаторот Адам Шиф од Калифорнија оцени:
„Овој закон ќе затвори болници, ќе им одземе здравствена заштита на милиони, ќе ја уништи обновливата енергија и ќе ги зголеми сметките за струја. Сето тоа за да им се дадат масивни даночни олеснувања на богатите и корпорациите“.
Претседателот Трамп, кој во моментот на гласањето беше на посета на нов центар за притвор на мигранти во Флорида, ја поздрави веста со аплауз од присутните поддржувачи:
„О, благодарам! Се прашував како ни оди, знаев дека е прајмтајм“.