Коректорот на власта се самокоригира – ОЈО Куманово се откажа од обвинението против Максим Димитриевски

68

Пет дена пред планираните завршни зборови, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово се повлече од обвинението против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој се товареше за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца локални бизнисмени.

Судот попладнево објави дека донел пресуда со која обвинението се одбива, согласно член 402 став 1 точка 3 од Законот за кривична постапка, поради тоа што јавниот обвинител со поднесок доставен на 30 јуни се откажал од гонењето.

Судскиот процес против Димитриевски започна на 2 април 2024 година. Последното рочиште се одржа на 27 јуни, по што судијката Маја Денковска закажа завршни зборови за 4 јули. Но, со повлекувањето на обвинението, постапката е затворена предвреме.

Да се потсетиме, градоначалникот беше обвинет дека од април 2023 година не извршил службена должност, односно не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување градежно земјиште за компаниите „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“, што според обвинителството претставува кривично дело по член 353 од Кривичниот законик. Двете компании бараа оштета од 3,3 милиони денари.

Makedonski