Рекордна потрошувачка на вода во Скопје: 700 литри по жител, „Водовод“ апелира за рационално користење
Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ информира дека е забележана рекордна дневна потрошувачка на вода на територијата на градот. Според податоците од системот за мониторинг и мерење, на 23 јуни 2025 година биле потрошени вкупно 356.000 кубни метри вода, што е еквивалент на 700 литри вода по жител.
Највисока потрошувачка е забележана во попладневните часови, што според претпријатието укажува на неконтролирана и често непотребна употреба на вода.
„Апелираме до сите граѓани на градот Скопје за совесно и рационално користење на водата, особено во овој период на високи температури и зголемена побарувачка.
стои во соопштението.
Избегнувајте претерување со наводнување и перење возила
Од претпријатието нагласуваат дека водата не треба да се троши за полевање бавчи, перење автомобили, полнење базени или други неесенцијални цели, со оглед на тоа што зголемената потрошувачка може да го оптовари системот и да влијае на квалитетот и стабилноста на водоснабдувањето.
Диви приклучоци – штета за целиот систем
Граѓаните се повикуваат и да пријавуваат диви приклучоци за вода, кои според „Водовод“ директно ја оштетуваат инфраструктурата и го загрозуваат водоснабдувањето.
Пријави за диви приклучоци можат да се достават:
-
телефонски на 02 3073 010
-
по е-пошта на kontakt@vodovod-skopje.com.mk
-
преку веб-страницата www.vodovod-skopje.com.mk
„Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во градот Скопје“, посочуваат од ЈП „Водовод и канализација“.
Претпријатието повикува на колективна одговорност за одржување на стабилен водоводен систем, особено во летните месеци кога природните ресурси се под зголемен притисок.