Спектакл на загрепскиот Хиподром: неофицијално Томпсон собра пола милион луѓе, регистрирани инциденти и рекордни гужви

6

На загрепскиот Хиподром вечерва започна концертот на Марко Перковиќ Томпсон, кој според организаторите би можел да собере повеќе од половина милион посетители, што би го направило најголем музички настан од ваков тип во историјата на Хрватска.

Концертот започна со симболична порака од пејачот:
„Фалени Исус и Марија, драги мој народе“, рече Томпсон обраќајќи им се на присутните, изразувајќи благодарност до сите што пристигнале од сите делови на Хрватска и Европа. Тој нагласи колку е важно заедништвото, традицијата и враќањето кон христијанските корени на Европа.

Програмата започна со песната „Стани из сенке“, а во текот на вечерта се очекува да бидат изведени околу 30 песни од различни фази од неговата музичка кариера, меѓу кои и класици како „Боjna Чавоглаве“, „Гени камени“ и „Е, мој народе“.

На сцената требаше да му се придружи и поранешниот бискуп мсг. Анте Ивас, кој требаше да ја предводи молитвата Мараната, дополнително потенцирајќи го патриотскиот и духовниот карактер на настанот.

Хаос на влезовите и бројни инциденти

Големиот интерес предизвика и големи проблеми – огромни гужви на влезовите во Хиподромот создадоа вистински хаос. Во некои моменти престана проверката на влезниците, а илјадници луѓе го следеа концертот и надвор од оградениот простор – од насипот покрај реката Сава и од Мостот на слободата.

Поради преголемата гужва, трговскиот центар Avenue Mall во близина беше затворен, а обезбедувањето не дозволуваше влез преку ниту еден од трите влеза. Во кафеаните во Сигет и околината владееше карневалска атмосфера, додека масата се подготвуваше за концертот со песна и пијалок.

Зголемени безбедносни мерки и интервенции на надлежните служби

За концертот на Марко Перковиќ Томпсон на Хиподромот во Загреб беа ангажирани над 6.500 припадници на полицијата од сите сектори, како дел од најголемата досега операција за осигурување на јавен настан во Хрватска. Дополнителна помош беше повикана од 12 полициски управи од внатрешноста на земјата, додека крајбрежните служби останаа ангажирани со обезбедување на туристичките зони.

Според податоци од хрватското МВР, до 19:00 часот биле приведени вкупно 44 лица, од кои едно поради нарушување на јавниот ред и мир, а останатите 43 лица поради незаконско користење пиротехника. Запленети биле 91 парче пиротехнички средства.

Покрај тоа, забележан бил и мал пожар на насипот, кој бил брзо локализиран благодарение на брзата интервенција на полицијата и противпожарните служби. За овој настан бил приведен малолетник.

Црвениот крст на Хрватска извести дека до 20:00 часот се извршени над 60 медицински интервенции, главно поради топлински шокови, замор и гужви. Тимовите на Црвениот крст биле распоредени на неколку критични локации – вклучително и кај Бундек и насипот покрај Сава.

Поради големата концентрација на луѓе, дел од сообраќајот во Загреб бил пренасочен, а Авенијата Дубровник била затворена за моторни возила. И покрај ова, трамвајскиот сообраќај продолжил да функционира без прекин.

Makedonski