ЦУК и пожарникарите во координирана борба со пожарот кај Блаце – утринава следува воздушна интервенција
Центарот за управување со кризи (ЦУК) е во постојана координација со сите надлежни служби во справувањето со пожарот што избувна во атарот на селото Блаце, во општина Чучер Сандево. На терен се присутни директорот на ЦУК, Мухамед Али, и командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, кои директно ја координираат акцијата.
Пожарот зафати шумски предел во близина на населените места, поради што постои висок ризик од негово проширување кон куќите, особено во вечерните часови. Надлежните информираат дека гасењето ноќе е исклучително ризично, особено во ридско-планински терен, па затоа приоритетно се штитат објекти, домови, инфраструктура и население.
На терен се ангажирани повеќе екипи со противпожарни возила, кои се обидуваат да го пресечат фронтот на пожарот и да го спречат неговото ширење. Од ЦУК најавуваат дека утре рано изутрина, од 5:00 часот, ќе биде вклучена и воздушна поддршка со три хеликоптери, кои ќе дејствуваат со полнење од специјализирани базени поставени од Црвениот крст во Стенковец.
Дополнителна логистичка поддршка е најавена и од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), со ангажирање нови екипи и опрема.
Надлежните апелираат до граѓаните да останат смирени, внимателни и да соработуваат со службите во интерес на безбедноста на сите.