Што се случува во Чучер Сандево и Глуво – пожарот се шири, надлежните кубурат со информации?!

259

00:29

Според расположливите информации од теренот месното население држи каква-таква контрола околу црквата Св. Троица иако кубурат со опрема па мораат со она што ќе им се најде при рака. Вода се полни од канистри, а на фронталните линии се „удира“ на огнот со мотики. Засега нема информации за влошување на  состојбата на луѓето кои се на првите линии од пожарот но апелираат да се обезбеди храна и вода за пиење.
Секој кој сака да обезбеди вода и храна наменета за луѓето на првите пожарни фронтови линии слободно може да остави контакт преку социјалните мрежи на порталот, а ние ќе ве пренасочиме до луѓето на терен.


23:19

Вечерва полициски службеници од СВР Скопје на територија на Ѓорче Петров го лишиле од слобода Д. Н. (57) од Скопје поради основи на сомнение дека околу 21.40 часот подметнал пожар односно запалил сува трева во тревникот на ул. “Стево Црвенковски” во Ѓорче Петров. Д.Н. бил забележан од граѓанин, кој пријави во СВР Скопје, а полициски службеници веднаш преземаа мерки и активности и сторителот е лишен од слобода.


23:17

Додека пламените јазици беснеат над скопската населба Глуво, речиси 200 жители, вооружени само со лопати, мотики и храброст, цело време се борат за да го спасат своето село од целосно уништување.

Пожарот, кој се шири на повеќе локации во регионот на Чучер Сандево, сериозно го загрозуваше и ова село. Мештаните – мажи, жени, па дури и повозрасни лица – се качувале на ридовите околу Глуво, обидувајќи се со сопствени сили да го задржат огнот подалеку од нивните домови.

Според сведочења, самоорганизацијата и солидарноста на жителите била клучна за спречување на поголема катастрофа. Без соодветна заштитна опрема, со минимални средства и во отсуство на координирана институционална поддршка, тие успеале да го изгаснат пожарот на неколку фронта.

Не можевме да чекаме. Ако не реагиравме, сè ќе изгореше“, вели еден од мештаните. „Го спасивме селото со раце и срце. Но, ова не смее да се повтори без помош од државата.

додава тој.

Граѓаните испраќаат апели до надлежните институции за итно обезбедување на опрема, вода, поддршка и присуство на терен, предупредувајќи дека борбата со пожарите сè уште не е завршена.


22:49

До овој момент во Чучер-Сандево пожарот беснее но нема зафатени куќи.
Луѓето кои учествуваат во гаснењето на пожарот на потегот кај црквата Св. Троица и село Глуво имаат потреба од храна и вода во поголеми количини. Како што беше напоменато и претходно пожарот во Чучер и Глуво не е под контрола и поради временските услови дополнително се шири.


22:00

Градоначалникот на општина Чучер Сандево Сашко Комненовиќ бара прогласување на вонредна состојба заради полесно и поефикасно управување со расположливите ресурси. Ваков заклучок е донесен по одржувањето на состанок на општинскиот кризен штаб.


21:40

Ново жариште во атарот на село Кучевиште. Информациите од терен известуваат дека справувањето е во отежнати услови, а дека посериозна помош особено од воздух се очекува утре наутро.


21:09

Голема вознемиреност владее меѓу жителите на скопската општина Чучер Сандево, откако пожарот кој започна кај селото Блаце брзо се прошири, предизвикувајќи густ чад што се чувствува низ селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, па сè до Бутел.

Дополнителна загриженост донесе и ново жариште кое се појави во атарот на село Кучевиште, каде пламените јазици зафаќаат голема површина и се наоѓаат во непосредна близина на куќи, со што ризикот за населението е значително зголемен.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) и сите ангажирани служби се на терен. Рано утрово е вклучена воздухопловна поддршка со три летала, а попладнето и четврто летало се приклучи на интервенцијата. Целта е да се стабилизира ситуацијата пред ноќта, кога гасењето е ограничено поради тешки услови и ризик по безбедноста на екипите.

Од ЦУК информираат дека, според временските прогнози, се очекува делумно стишување на пожарите во текот на ноќта, што ќе овозможи поефикасно дејствување утре изутрина.

Надлежните апелираат до жителите да останат смирени, да не се приближуваат до пожарот и да ги следат инструкциите на службите. Во тек е и подготовка на дополнителни екипи и механизација од Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст, со цел навремена реакција во случај на ескалација.


Во овие моменти гледајќи од Општина Карпош како и од централното градско подрачје на Скопје можат да се забележат црн чад и огнените јазици со кои во моментов се борат пожарникари но и доброволци околу Чучер Сандево и село Глуво, каде очевидци велат дека во моментов е најстрашно.

Од надлежните се лиферуваат информации дека нема зафатено објекти но она што доаѓа од лице место го покажува спротивното.

До овој момент имаме информација од терен дека во Глуво се зафатени и викендици, а во Чучер Сандево за повеќе од две куќи.

До редакцијата на Македонски Радио Портал пристигнуваат видеа и фотографии од луѓето на терен и може да се забележи дека ситуацијата не е нималку за опуштање па затоа апелираме надлежните да го подигнат нивото на „тревога“ и да излезат во пресрет на луѓето кои живеат и функционираат во зафатените подрачја.

Makedonski