Целосно блокиран патот кон Кожув, граѓаните не дозволуваат багерите да стигнат до Дошница

4

Пристапот кон реката Дошница на планината Кожув ќе биде под целосна блокада, најавија граѓанските здруженија кои се борат против изградбата на две хидроцентрали на оваа река. Тие велат дека пристап кон планината воопшто ќе нема и дека блокадата ќе важи за сите кои се поврзани со изградбата на енергетските објекти.

Откако минатата недела беа одржани неколку блокади и протест, од иницијативите Спас на Дошница, Changemakers4all и Зелена Народна Стража информираат дека нивната борба нема да заврши. Тие апелираа до сите граѓани да им се придружат на локацијата кај Смрдлива Вода, покрај Гевгелија, а за оние кои доаѓаат од другите градови ќе биде обезбеден и превоз.

Блокадите ќе се одржуваат секој ден од 6 до 18 часот, а активистите, граѓаните, планинарите и сите љубители на природата ќе се менуваат за да не дозволат до реката и нејзината чиста вода да стигнат багерите и градежните машини.

„Оваа акција е граѓанска иницијатива и израз на наше човеково право на одбрана на природата, водата, животот. Не станува збор за политички, туку за животен отпор против уништување што се спроведува зад затворени врати и со игнорирање на гласот на народот“, велат од Спас за Дошница.

Makedonski