Нетанјаху се сретна со Трамп во Белата куќа додека траат преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

3

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се закажани разговори со Иран и најави напредок во планот за релокација на Палестинци од Газа, објави Ројтерс.

„Ако луѓето сакаат да останат, може да останат, но ако сакаат да заминат, треба да им биде дозволено“, изјави Нетанјаху на почетокот од вечерата со американските и израелските официјални претставници во Белата куќа.

Тој додаде дека Израел и САД работат со трети земји кои се подготвени да им понудат „подобра иднина“ на Палестинците. „Мислам дека сме блиску до договор со неколку земји“, рече тој.

Трамп ја потврди соработката со „сите околни земји“ околу Израел и рече дека „нешто добро ќе се случи“. Претходно оваа година, тој предложи целосно преземање на Газа и нејзино претворање во „Ривиера на Блискиот Исток“, што беше остро критикувано од страна на Палестинците и организациите за човекови права кои го нарекоа планот „етничко чистење“.

Нетанјаху и Трамп разговараа неколку часа додека израелски преговарачи водеа индиректни разговори со Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложници. Нетанјаху по средбата се врати во гостинската резиденција Блер Хаус, каде денеска треба да се сретне и со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.

Ова беше третата средба меѓу двајцата лидери откако Трамп се врати на функцијата во јануари. Средбата следеше само две недели по воздушните напади на САД врз ирански нуклеарни објекти, во поддршка на израелските удари, по што беше постигнато 12-дневно примирје меѓу Израел и Иран.

Трамп најави дека ќе се одржат директни разговори со Иран „во следната недела или нешто повеќе“. Тој изрази подготвеност да ги укине санкциите врз Техеран „во соодветно време“. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во интервју објавено во понеделникот рече дека верува оти разликите со САД може да се надминат преку дијалог.

Средбата се одржа во Белата куќа во приватна атмосфера, во Сината соба, додека надвор стотици демонстранти носеа палестински знамиња и транспаренти со пораки како „Престанете со вооружување на Израел“ и „Не за геноцид“. Присутните повикаа на апсење на Нетанјаху, повикувајќи се на меѓународната потерница од Меѓународниот кривичен суд за наводни воени злосторства во Газа.

Нетанјаху исто така се сретна со американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и државниот секретар Марко Рубио. За време на средбата со Трамп, Нетанјаху му врачи писмо со кое го номинира американскиот претседател за Нобелова награда за мир.

Во исто време, израелските преговарачи продолжија со разговорите во Доха, Катар, со надеж дека ќе постигнат договор со Хамас. Според американскиот предлог, се предвидува фазно ослободување на заложниците, повлекување на израелските сили од делови на Газа и разговори за целосно завршување на војната.

Според палестински извори, главната пречка за напредок во преговорите е одбивањето на Израел да овозможи безбеден и слободен влез на хуманитарна помош во Газа. Израел тврди дека испраќа храна, но се обидува да спречи пренасочување на помошта од страна на милитанти.

Хамас инсистира на целосен прекин на огнот како предуслов за ослободување на преостанатите заложници. Израел, пак, бара ослободување на сите заложници и целосно разоружување на Хамас пред да запре со нападите.

Воената офанзива на Израел започна во октомври 2023 година, по нападот на Хамас во кој беа убиени околу 1.200 лица и киднапирани 251. Според Министерството за здравство во Газа, од тогаш загинале над 57.000 Палестинци. Повеќето од жителите се раселени, а ОН предупредуваат дека половина милион луѓе се соочуваат со глад во наредните месеци.

Трамп, кој досега силно го поддржуваше Нетанјаху, минатиот месец ја критикуваше правосудната постапка против израелскиот премиер за наводна корупција. Нетанјаху ги негира сите обвиненија.

Makedonski