Состојба со пожарите низ Македонија – 10 активни, а 4 ставени под контрола

53

22:33

Поради ветерот пожарот над Чучер Сандево се разгорува па кон првите линии се упатени две групи од по петнаесет лица, а останатите веќе дежураат на збирната позиција. Засега нема информации за влошување на ситуацијата иако ветерот веќе прави проблеми.


20:29

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски известува дека големиот пожар во Крива Паланка е изгаснат. Упати благодарност до сите кои учествуваа во неговото гаснење но и сочувство до трагично загинатиот сограѓанин.


20:14

Пожарите на локации кај Чучерски рид, Св. Никита и Св. Богородица се целосно изгаснати. Активен е пожарот над Чучер Сандево.


18:54

Пожарот во скопско Оризари е стигнат скоро до првите куќи и мештаните апелираат секој кој може да се упати кон тој регион бидејќи луѓето се сами, а противпожарно возило сеуште не е пристигнато.


18:17

Пожарот кај полето околу Бразда е изгаснат но сеуште чади и тлее. Тука полицијата го обезбедува просторот кој во моментов и не е прооден за возила.


18:07

ЦУК: Пожарот кај Св. Никита е активен, Шуто Оризари, село Црешнево (Мак.Брод), Крушевица (кавадаречко), пожар кај Катланово исто така е активен. Сите расположливи средства се активирани и се на теренот се со цел гаснење на сите пожари низ Македонија.


18:02

Грција испраќа два канадери и две возила со по осум пожарникари кои треба да помогнат во гаснењето на пожарот кај Николиќ, Дојранско.


16:08

Поради пожарите на териториите низ руралните општини и села околу градот Скопје, над градот се формира облак од чад кој го зафаќа скоро цело Скопје.
Претпладневните апели на надлежните беше да не се упатуваат луѓето кон критичните точки, да останат дома и да ги затворат прозорците.


16:01

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов известува за влошување на ситуацијата со пожарот во Николиќ. Апелира на потребата од воздушна помош за гаснење на пожарот.


15:49

Се пријавува нов пожар во село Горњани.

Затворени се патните правци кон Блаце и граничниот премин бидејќи повторно е разгорен неодамна изгаснатиот пожар на тој потег.


15:43

Како што одминува времето се појавуваат нови жаришта кај Чучер Сандево под манастирот „Богородица“. Веќе се упатени луѓе за гаснење на новонастанатите пожарни точки но поради ветерот пожарот се шири многу брзо и се движи кон селото Горњане.

Од Чучер Сандево апелираат надлежните да излезат на терен со патроли.


15:07

Информациите од теренот кажуваат за нов пожар од поголем размер кај селото Бразда близу спортскиот аеродром „Стенковец“.
Се повикуваат сите оние кои се упатени кон Св. Троица во Чучер да одат кон Бразда, во моментов таму има поголема потреба особено и поради јакиот ветер кој може дополнително да ја влоши ситуацијата.


14:55

Нов пожар во околината над гробиштата во општина Ѓорче Петров.


14:25

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски пред малку преку видео објавено на Фејсбук ги повика надлежните институции да помогнат во гаснење на пожар близу населбата Лозаново.
Митовски повикува на смиреност но и помош од најблиските градови за излегување во пресрет во како што вели тој најголемата закана за градот Крива Паланка досега.


14:10

Противпожарните единици и човечки ресурси од Шумската полиција се упатени на пожарните позиции кон Чучер Сандево, се подготвува побројна екипа која ќе се обиде да го локализира и стави под контрола новонастанатиот пожар. На збирната точка кај црквата Св. Троица се и луѓе од општинската администрација како и градоначалникот на општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ.


13:50

Хеликоптерот на МВР со кој се гаснеше пожарот на дивата депонија кај Визбегово е повлечен поради силниот ветер и густиот чад.


Во овие моменти активен е нов пожар во Чучер Сандево каде што во моментов со него се борат околу десеттина луѓе воглавно жители.
Отежителна околност претставува ветерот кој дува во моментов и се стравува дека доколку не се интервенира за брзо може да се рашири на поголема површина.

Според информациите од теренот неговото проширување може да ги загрози викендичките односно куќите во околината.
Од собирната точка кај црквата Св. Троица упатуваат повик до секој кој може да оди и да помогне да се стави под контрола.

Активни пожари има и во Македонски Брод близу фабриката „Сувенир“, во селото Николиќ кај Дојран каде за денеска е ставено акцент на итност од страна на ДЗС и ЦУК и депонијата во Шуто Оризари од каде се шири чад кон централното градско подрачје во Скопје.

Makedonski