Младите имаат 49 барања за идните градоначалници

4

На Првото младинско собрание, настан што отвора ново поглавје во младинското учество во креирањето на локалните политики, 50 млади лица на возраст од 15 до 24 години   создадоа препораки што ќе станат дел од кампањите и програмите на кандидатите за градоначалници на претстојните избори.

„Овие предлози се вредни насоки што можат директно да влијаат врз квалитетот на живот во општините низ државата. Токму затоа, нивната главна намена е да се понудат како основа за програми на кандидатите за градоначалници. Ова е конкретен обид да се понуди можност на младите да станат реални актери во осмислувањето на политиките“, велат од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој, организатор на Првото младинско собрание.

Во текот на четири интензивни дена, младите се запознаа со функционирањето и ингеренциите на локалната самоуправа, и работеа со експерти од области како што се: комунални дејности, образование и социјала, урбанизам, животна средина, култура, здравствена заштита и локален економски развој. Овој пристап им овозможи да ги разберат реалните надлежности на општините и да развијат реалистични и издржани предлог-мерки, темелени на локалните потреби.

На завршниот ден, учесниците ги презентираа предлозите пред претставници од повеќе политички партии и организации меѓу кои ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВФД и НДИ со што беше отворен патот за нивна евентуална вклученост во изборните програми.

Со Првото младинско собрание, започнува нов модел на младинско учество модел кој бара дејствување и вистинско вклучување на младите. Следниот чекор е јасен: предлозите да најдат свое место во кампањите на кандидатите, а подоцна и во локалните политики.

Младинското собрание се реализираше во рамки на проектот „LEAP – Локално учество, активизам и демократија” е поддржан од Фондацијата Центар за демократија во рамки на проектот Regional Youth Dialogue for Europe, финансиран од Европска Унија.

Makedonski