Седумнаесет дена блокада на Кожув: Ќе стоиме овде до крај, нема да дозволиме хидроелектрани
Топла јулска недела, а екипа на Мета.мк полека вози по патот кон Смрдлива Вода, местото каде што на 29 јуни имаше голем протест против изградбата на хидроелектрани на реката Дошница, чии извори се под врвот Зелен Брег на планината Кожув, близу ски-центарот кој никогаш не заживеа.
По пат, живописна природа. Ветер, зеленило, високи дрвја кои пленат со својата убавина. На неколку километри од Смрдлива Вода, движејќи се нагоре кон местото Асан чешма, наидуваме на десетина паркирани возила и десетици еко-активисти, граѓани, добронамерници, дојдени од различни краеви на Македонија. Делчевци, Скопјани, Гевгеличани, сите ги спојува еден став – НЕ за каква било изградба на објекти на планината, кои би ја уништиле природата и нејзините богатства. Тие деноноќно се на блокадите на патот, веќе 17 дена по ред.
Веќе се исечени 1.000 метри кубни шума
Кристијан Алчинов, професионален пчелар, апитеравпевт и долгогодишен кожувски активист, за Мета.мк вели дека само поради подготовката за изградба на хидроелектраните, веќе е исечена огромна површина на шума, односно 1.000 метри кубни.
„Ако дојде, пак, до изградба, ќе треба да се прекопува течението на реката Дошница долж 4 километри, а со ширина од 8 метри. Тоа значи дека целата флора, фауна и ендемичните видови, ќе бидат уништени. Дошница е најчистата река во Македоинја, од која може да се пие вода и е наше богатство и затоа не смее да се дозволи чепкање во нејзината разновидност. Покрај рибите, пастрмката, разновидните ракови, ендемичните мовови, една од најважните видови е медоносната пчела апис мелифера македоника, чие живеалиште е Црвени стени, кој е всушност еден долг предел по течението на Дошница. Тие би биле буквално истребени од нивното живеалиште, а тоа богатство е непроценливо и тоа не може да се мери со ниеден државен, општествен и каков и да е интерес и профит“, вели Алчинов.
Тој, заедно со останатите активисти, вели дека нема да отстапат и дека нема да дозволат, како што велат, вакви злонамерни проекти да се реализираат.
Минустерот за животна средина да си го одржи зборот
Марина Томова, активистка од „Change makers“ од Гевгелија ни кажа дека пред една недела добиле најава дека доаѓа камион и товарно возило со влекач, па ги блокирале кај Смрдлива Вода.
„Тоа беше фирмата-изведувач, кој дојде со влекач со намера да ги товара машините кои се веќе на терен. Рекоа дека им е укината дозволата и дека одат да си ги земат машнините. Но, за жал тоа беше лага. Сè до моментот додека не се укине дозволата за градење, ние ќе бидеме овде. Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кажа дека сè ќе направи во полза на граѓаните. Го држиме за збор, иако Владата, за жал, одлучи дозволата за градење да трае до април 2026 година“, вели Томова, која е децидна дека ќе остане на блокадите до последен момент и дека заедно со другите активисти, нема да дозволат на местото да има градежни активности.
Еко-активистот Ристо Камов рече дека до Владата и Собранието доставиле барање да ги почитуваат меѓународните договори кои ги имaат потпишано, а кои содржат вклучување на јавноста во врска со изградба на какви било проекти кои ја загрозуваат животната средина.
„Врз основа токму на овие договори, во Црна Гора и во БиХ вакви хидроцентрали не се градат од 2022 година. За жал, почнавме со заштитата на Дошница поради мегаломански проект за изградба на хидроцентрали кои сакаат да ја стават реката во цевка на 20 километри, што ќе значи уништување на целиот биодиверзитет и уништување на сите ендемски видови, не само пчелите, пастрмките, туку и други животни ендемични кои ги има само на Кожув планина. Ние бараме да се почитуваат конвенциите бидејќи секаде во Европа се вадат цевките од реките, и се оставаат реките да одат по својот природен тек. Еднаш засекогаш да престанеме со овие девастирачки проекти“, порачува Камов.
На блокираниот пат беше и Катерина Илијовска, инжинер-технолог, активистка од Скопје од еко-здружението „Јес фор лес“.
„Живеев во Шпанија, пред неколку месеци се вратив овде. Формирав еко-здружение. Прв пат сум на Кожув и не можам да разберам како луѓето кои се од овој крај не се овде во поголем број. Во Шпанија лани имаа суша поради климатските промени, не можеа да се полеваат јавните површини, имаше рестрикции, немаше вода. Од овде доаѓа тоа дека е важно да ја чуваме природата. Не сме свесни што имаме како богатство. Не сфаќаме колкава важност има планината. Верувам дека ќе успееме да спречиме изградба на објекти. Има многу примери од Црна Гора и Босна, се изгласаа закони со кои се забрани изградба на мали хидроцентрали. Има и документарци со луѓе кои седеле на вакви блокади по 365 дена, и на крај нивниот активизам вродил со плод. И ние верувам дека ќе успееме“, рече Илијовска.
Активистите остануваат да ја чуваат Кожув планина. Деноноќно се на патот. Спијат во шатори, а добронамерници од различни градови доаѓаат да ги поддржат и им носат вода и храна. Иако градоначалниците на Демир Капија, Гевгелија и на Кавадарци, иницираа Кожув да биде прогласен за Национален парк, на последниот протест во Смрдлива Вода, иако биле сите тројца поканети да дојдат и да ги поддржат граѓаните, се појави само градоначалникот на Демир Kапија, Лазар Петров.