Касами пак ќе се кандидира за градоначалник на Тетово
„Вреди досега објави кандидатури за градоначалници со кои ќе учествува на локалните избори. Ние го поддржуваме независниот кандидат за Струга, Менди Ќира. Веќе е јасно дека во Тетово Вреди ќе оди со Биљал Касами, во Желино со Блерим Сејдиу. За другите кандидати уште разговараме“, рече Ибрахими.
Тој нагласи дека до крајот на месецов се очекува да ги објават имињата на повеќето кандидати за градоначалници.
Во однос на соработката со ВМРО-ДПМНЕ, Ибрахими потенцира дека имаат начелен договор да се поддржуваат во општините во кои меѓусебно би можеле да си помогнат.
„И досега постоела една практика владините партнери да се поддржуваат меѓусебно за локалните избори. Таквото правило ќе важи и за овие избори и ние имаме начелен договор со ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се поддржиме во општините во кои би можеле да си помогнеме меѓусебно. За конкретни општини или конкретни имиња, или за конкретни советнички листи, допрва ќе седнеме и ќе зборуваме“, рече Ибрахими.
Прво ќе ја потврдиме внатрешната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со политичките партии, а потоа ќе продолжат разговорите и со коалициските владини партнерти, изјави пред неколку дена премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање до каде се преговорите со владините партнери Вреди и ЗНАМ.
„Преговорите со политичките партии се во тек. Сите политички партии кои се дел од нашата внатрешна коалиција се наш приоритет, тие преговори се во тек, се разговара. Очекувам коалицијата да биде потврдена. Потоа ќе продолжат и преговорите со нашите коалициски владини партнери. Во овој момент се движат во одлична позитивна насока. Кога ќе имаме повеќе детали ќе излеземе во јавноста со информации“, одговори Мицкоски.