ЦИНС: Повеќе од 30 случаи на полициска бруталност по протестите во Србија
Центарот за истражувачко новинарство на Србија (ЦИНС) објави дека, врз основа на анализа на содржини од социјалните мрежи и медиуми, евидентирал повеќе од 30 случаи на прекумерна употреба на сила од страна на полицијата, почнувајќи од Видовданскиот протест на 28 јуни, па сè до блокадите кои следеа во наредните денови.
Н1 објави дека во извештајот на ЦИНС се наведува дека голем дел од инцидентите се документирани на видео снимки, но од Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи на Србија не дале одговори дали се покренати постапки против полицајците.
Сања Радивојевиќ од Белградскиот центар за човекови права изјави за ЦИНС дека до сега се поднесени 15 кривични пријави, но дека тој број ќе се зголеми, бидејќи граѓани и понатаму бараат правна помош.
„Сите кои ни се јавија биле претепани од полицајци во полна опрема за разбијување демонстрации, без идентификациски ознаки и со фантомки на главата. Луѓето страдаа само затоа што во тој момент се нашле на ‘погрешно место’“, изјави Радивојевиќ.
Таа предупреди дека овие случаи често остануваат нерасчистени поради неактивност на институциите што резултира со застарување на предметите. Дополнително, истражната неажурност води и до губење на докази, бидејќи снимките од полициските станици се чуваат само околу 30 дена.
„Доволно е обвинителот во тој рок да не преземе ништо и снимките повеќе не постојат. Ќе ви кажат: ’Требаше порано да дојдете, ги чуваме само 30 дена‘“, вели Радивојевиќ.
Дополнителен проблем, според неа, е и тоа што други полицајци кои присуствувале на настаните не сакаат да сведочат против колеги, а службените извештаи за употреба на сила, според неа, често се идентични или како да се копирани.
„Извештаите се усогласени до последен детал, понекогаш дури и со исти интерпункциски знаци“, додава таа.
Според Радивојевиќ, казнување на полицајци е реткост, а и кога има судска пресуда, најчесто се работи за условни казни до шест месеци. Со таква казна, според српскиот Закон за полиција, полицајците не го губат работното место.
„Тоа е таканаречен круг на неказнивост во кој сите учесници придонесуваат никој да не одговара за насилството“, заклучува таа.