АЛАРМ ЗА ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ: Министерството за здравство со препораки до граѓаните
Министерството за здравство ја извести јавноста дека, според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 20 до 24 јули 2025 година се очекува значителен пораст на температурите низ државата. Во одделни региони се предвидува дневните температури да достигнат и до 41°C, што претставува сериозен ризик за здравјето на населението.
Во пресрет на топлотниот бран, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високи температури:
-
Да се престојува во разладени и затворени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
-
Да се внесува доволно количество на течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
-
Да се носи светла, лесна облека и да се користи заштита за глава и очи;
-
Да се избегнува физичка активност во најтоплиот дел од денот;
-
Да се посвети дополнително внимание на деца, стари лица, хронично болни и бремени жени, кои се особено чувствителни на топлината;
-
При појава на симптоми како што се главоболка, вртоглавица, гадење или забрзан пулс – веднаш да се побара медицинска помош;
-
Да се одложат активности на отворено во најжешкиот дел од денот;
-
Да се обезбедат микроклиматски услови со температура до 25°C, и на работното место и во домот.
Министерството нагласува дека состојбата ќе се следи континуирано и јавноста навремено ќе биде информирана за сите понатамошни препораки и мерки. Граѓаните се повикуваат на одговорност и внимателност, со цел заштита на своето и здравјето на најблиските.