Родителите на жртвите од „Пулс“: Понижени од одговорот на премиерот – Владата ги демантира наводите
Родителите на трагично починатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани обвинија дека премиерот Христијан Мицкоски на средбата што се одржала на 7 јули ги навредил со зборовите: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“. Семејствата, организирани преку Здружението на граѓани „16ти март 2025 Кочани“, го оценија ваквиот однос како длабоко понижувачки и нечовечки.
„Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, кажете ни колку вреди еден човечки живот. Ние не се плашиме, нашата борба не престанува“, стои во нивното соопштение објавено на социјалните мрежи.
Од Владата, пак, остро ги негираа ваквите обвинувања, велејќи дека станува збор за „злонамерно дефокусирање и злоупотреба на трагичната судбина“. Тие додаваат дека премиерот изразил сочувство кон секој од присутните и дека средбата била одржана во дух на поддршка и разбирање.
„Жалиме за впечатокот кој некои го добиле. Средбите со семејствата не се ни први ни последни. Апелираме да не се прави сензација од настани што се длабоко интимни и човечки“, наведуваат од Владата.
Родителите информираат дека претходно, на 1 јули, доставиле официјално писмо со барања до државниот врв. Одговор добиле само од кабинетот на премиерот, по што била закажана и одржана контроверзната средба на 7 јули.