Чешкиот претседател Петар Павел потпиша закон против комунистичка и тоталитарна пропаганда

6

Претседателот на Чешка, Петар Павел, потпиша закон со кој се забранува ширење и поддршка на комунистичка, нацистичка и друга тоталитарна пропаганда. Новата легислатива предвидува казни до пет години затвор за оние што ќе ја прекршат забраната, јавува Euractiv.

Забраната доаѓа во време на засилена политичка и општествена чувствителност кон лажните наративи поврзани со тоталитарното минато, особено во контекст на тековната војна во Украина. Чешкиот претседател Павел, кој важи за силен поддржувач на Киев, е дел од поширокиот регионален тренд на декомунизација, што вклучува отстранување на советски споменици и симболи од јавниот простор во земјите од поранешниот Источен блок.

Според новиот закон, кривично ќе се гони секој кој „шири, поддржува или воспоставува нацистички, комунистички или други движења што отворено се стремат да ги потиснат човековите права и слободи, или да поттикнуваат омраза по основа на раса, етничка припадност, религија или класа“.

Оваа промена доаѓа по иницијативи од институции како Институтот за проучување на тоталитарни режими, кои бараат комунизмот правно да се изедначи со нацизмот, во однос на тежината на кршењето на човековите права.

Сепак, законот не помина без критики. Комунистичката партија на Бохемија и Моравија (КСЧМ), која е дел од коалицијата „Стачило“, ги осуди измените, оценувајќи ги како обид за политичка репресија.

„Ова е уште еден неуспешен обид КСЧМ да се прогласи за нелегална, а неистомислениците на режимот да бидат заплашени“, изјави лидерката на партијата, Катаржина Конечна.

Засега не е јасно дали и како новиот закон ќе се применува кон партии како КСЧМ, коментира Euractiv.

Во некои други земји од регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, комунистичката пропаганда сè уште отворено се шири. Политички партии и организации како проруската БСП и „Преродба“ ги бранат комунистичките споменици и го глорифицираат репресивниот апарат на поранешниот режим, дури и повикуваат на враќање на методи како трудовите логори за нивните политички противници.

Инаку, Бугарија уште во 2000 година го прогласи комунистичкиот режим за злосторнички со посебен закон.

Makedonski