НАТО со осуда за руските сајбер напади врз сојузниците и Украина
Северноатланскиот совет остро ја осуди Русија поради злонамерни сајбер напади насочени кон повеќе земји-членки на НАТО и Украина. Во заедничкото соопштение, НАТО ги нарече овие активности „сериозна закана за безбедноста на Сојузниците“ и обвини дека зад нив стои руската воена разузнавачка служба – ГРУ.
Во соопштението се наведува дека Естонија, Франција, Обединетото Кралство и САД неодамна ѝ припишале конкретни сајбер напади на ГРУ, насочени против нивни државни институции и партнери. Исто така, Германија и Чешка во 2024 година поединечно ги идентификуваа активностите на хакерската група APT 28, за која се смета дека е поддржана од ГРУ. Според НАТО, истата група извршила напади и врз државни институции и критична инфраструктура во Романија и други сојузнички земји.
„Овие напади и штетите предизвикани во повеќе сектори го покажуваат степенот до кој сајбер и хибридните закани се дел од тековната руска кампања за дестабилизација на НАТО-сојузниците и од бруталната, неиспровоцирана агресија против Украина“, се наведува во соопштението.
НАТО го повика Кремљ веднаш да престане со дестабилизирачките сајбер и хибридни активности, оценувајќи дека тие ја кршат резолуцијата на Обединетите нации за одговорно државно однесување во дигиталната сфера документ што Русија јавно тврди дека го поддржува.
„Русија нема да ја поколеба нашата поддршка за Украина, вклучително и преку Талинскиот механизам и коалицијата за ИТ-капацитети“, соопшти Северноатлантскиот совет, најавувајќи дека Алијансата ќе ги искористи сите научени лекции од војната за да се спротивстави на сајбер-заканите.
Во соопштението се потенцира дека НАТО се залага за слободен, отворен, мирен и безбеден сајбер-простор и ги повикува сите држави, вклучително и Русија, да ги почитуваат меѓународните обврски и правилата на однесување во сајбер-просторот усогласени во рамките на ОН.
Алијансата потврди дека останува обединета и решена да се брани од руските сајбер напади и дека веќе инвестира во своите капацитети преку воспоставување на Интегрираниот центар за сајбер одбрана на НАТО и преку обврските од Самитот во Хаг.
„Ќе ги искористиме сите расположливи капацитети за одвраќање, одбрана и одговор на целиот спектар на сајбер закани во време и на начин што самите ќе го избереме, во согласност со меѓународното право и во координација со нашите меѓународни партнери, вклучително и ЕУ“, се додава во изјавата.