Си-Би-Ес го откажува „The Late Show“ на Стивен Колбер, кое ќе се емитува до мај 2026 година

3

По една деценија, култното „Лејт шоу со Стивен Колбер“ ќе престане да се емитува во мај 2026 година, соопшти телевизиската мрежа Си-Би-Ес, јави агенцијата Асошиејтед прес. Одлуката за откажување на шоуто на Колбер, кој е еден од најпознатите критичари на претседателот Доналд Трамп, е мотивирана од финансиски причини, а не од содржината, велат од мрежата.

Најавата предизвика бурни реакции, особено затоа што дојде само три дена по критиките на Колбер кон спогодбата помеѓу Трамп и Парамаунт Глобал, матичната компанија на Си-Би-Ес, поради спорен прилог на емисијата „60 минути“. Двајца американски сенатори јавно поставија прашања за мотивите зад одлуката.

Колбер лично ја соопшти веста пред својата публика во Ед Саливан театарот во Њујорк, откривајќи дека „следната година ќе биде нашата последна сезона“ и дека шоуто едноставно ќе исчезне од програмата.

Публиката одговори со негодување, а Колбер рече: „Да, ги делам вашите чувства“.

Топ менаџментот на Парамаунт и Си-Би-Ес во заедничко соопштение го опиша шоуто како „неприкосновен дел од националниот културен идентитет“, истакнувајќи дека причините за откажување се финансиски, а не поврзани со перформансите или содржината.

Во својот монолог Колбер изјави дека е „навреден“ од спогодбата од 16 милиони долари помеѓу Парамаунт и Трамп, која многумина ја нарекоа „поткуп“. Спогодбата беше склучена поради тужба на Трамп против емисијата „60 минути“ заради изменетата верзија на интервјуто со Камала Харис.

Трамп, кој е честа цел на Колбер, објави на платформата Трут соушал дека „апсолутно го обожава“ откажувањето на шоуто и додаде навреди за други водители на Еј-Би-Си, Си-Би-Ес и Ен-Би-Си.

Колбер ја презеде улогата водител на „The Late Show“ во 2015 година и го поврза шоуто со политиката, честопати прифаќајќи политичари како гости покрај музичарите и актерите.

Според последните податоци од агенцијата Нилсен, шоуто има раст на гледаноста во 2025 година, со просечно околу 2,4 милиони гледачи по епизода. „The Late Show“ доби и шест номинации за Еми, а во 2021 година освои и Пибоди награда.

Сенаторите од Демократската партија Елизабет Ворен и Адам Шиф повикаа на транспарентност околу причините за откажувањето, а водителите Џими Фалон и Џими Кимел изразија поддршка за Колбер.

Иако целата индустрија на доцни ноќни шоу програми се соочува со економски предизвици и намалување на гледаноста, Колбер долго време беше лидер на ова поле за Си-Би-Ес. Експертите коментираат дека одлуката може да биде поврзана и со политичкиот контекст.

Makedonski