Турскиот ансамбл „Реј“ со концерт во „Св. Софија“ во Охрид
Вечерва, со почеток во 21 часот, во древната црква „Св. Софија“ во Охрид, ќе настапи реномираниот музички ансамбл „Реј“ од Турција. Концертот е дел од богатата културна програма на Охридското лето и ветува незаборавна музичка вечер исполнета со емоција, традиција и културен спој.
Ансамблот „Реј“ го сочинуваат петмина етаблирани уметници: мецосопранот Ирем Бурша Бајир, сопранот Шениз Ердинч, баритонот Артур Багдасароглу, тенорот Берк Озбек и пијанистот Алпер Акгул. Подготвија програма со наслов „Од Кавказ до Балкан“, која вклучува изведби на традиционални македонски и турски народни песни како „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“ и „Јалгизам“, притоа надополнета со делови од значајни музички дела.
Публиката ќе има можност да чуе и извадок од ораториумот „Јунус Емре“ на турскиот композитор Ахмет Аднан Сајгун, како и дел од оперетата „Lüküs Hayat“ на Цемал Решит Реј – дело кое е столб на турската класична оперета.
Концертот се очекува да понуди единствена фузија на источниот и балканскиот музички идентитет, преку изведби што ја слават културната поврзаност и заедничката музичка историја на двата народа.