Фестивалот „Илинденски денови“ слави 55 години: Чувањето на традицијата – аманет „Денес за утре“
Под мотото „Денес за утре“, годинава започнува јубилејното 55-то издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ – Битола, манифестација која прерасна во симбол на градот и важен чувар на нематеријалното културно наследство. Мотото на фестивалот е силна порака и аманет што потсетува на потребата од собирање, зачувување и пренесување на знаењето за народната култура – во сите нејзини форми и изрази.
„Илинденски денови“ не претставува само сцена за народни ора и песни. Тоа е место на жива традиција, каде младите генерации имаат можност да ги запознаат, научат и искусат автентичните македонски игри, песни, обичаи и вредности – токму како што се изведувале пред векови. „Во тоа е големината и вредноста на овој фестивал“, истакнува уметничкиот раководител Валентин Соклевски.
Овогодишната програма започнува во петок, на 18 јули, и ќе трае цели две недели. Дел од фестивалот е и Интернационалниот етнографски филмски фестивал, каде по четврти пат селектор е Тони Гламчевски.
Едукативната компонента на фестивалот е уште еден значаен сегмент. По 17-ти пат ќе се одржи Семинарот за традиционална музика и игра, а отворени се и пријавите за работилниците и мастеркласовите кои ќе се реализираат во рамките на фестивалот – единствениот во државата со ЦИОФФ сертификат, издаден од Меѓународниот совет на организации на фолклорни фестивали и народни уметности.
Годинешната програма е збогатена со низа тематски и интерактивни содржини:
-
„Културен код – Мојот моден отисок“
-
Презентација на хрватски традиционален накит
-
Мастер-класови од учесници од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Хрватска и Полска
-
Ревија на народни носии, подготвена од КУД „Илинден“
-
Едукативни презентации за културното наследство на земјите-учеснички
Голем интерес владее и за публиката која не е дел од фестивалската програма, но доаѓа во Битола специјално за овие активности.
Во рамки на целосната програма што денес беше јавно презентирана, се издвојуваат два настана што симболично го претставуваат фестивалското мото:
-
„Русалките во стрип“ – визуелна интерпретација на елементи од македонската и словенската митологија, во нов, модерен медиумски формат
-
„Војводите на Комитското“ – изложба на фотографии од сите играорци кои низ годините го одиграле „Комитското“ на отворањето на фестивалот, како што ќе биде и годинава
Со 55-годишна традиција, „Илинденски денови“ останува жив културен споменик и место на средба помеѓу минатото, сегашноста и иднината на народната уметност.