Игор Џамбазов по 27 години со концерт во Охрид: „Министерството не ни даде пари, ама ние пак си направивме“
По цели 27 години, најпознатиот македонски шоумен, актер и текстописец, Игор Џамбазов, вечерва ќе настапи со концерт во Охрид, на Античкиот театар, заедно со својот бенд. Концертот започнува во 21 часот и претставува негово прво самостојно музичко појавување во овој град по речиси три децении.
На прес-конференцијата, Џамбазов со препознатлив сарказам ѝ се „заблагодари“ на државата:
Му благодарам на Министерството за култура што не ни даде пари за овој концерт. Уште еднаш нѐ увери мене и менаџерот дека можеме и сами да организираме.
Идејата за враќање на сцената токму во Охрид доаѓа од неговиот долгогодишен менаџер Васко Павлески од продукцијата „Фреш унион“.
Ми беше дамнешна желба да имам концерт со бенд во Охрид, но со годините ми помина. Сега ми се врати. Никој не ме покани 27 години. Само еднаш сум пеел тука како гостин на ‘Нокаут’. Ова ќе биде мој прв целосен концерт на Антички. Сцената е магична.
изјави Џамбазов.
Познатиот шоумен, кој последните години е препознатлив и по својот живот во Дојран, вели:
Десет години немам стапнато во центарот на Охрид. Сега се потсетив на гужвите за паркинг среде сезона. Се чувствувам дека го изневерувам Дојран со Охрид. И таму и овде има езеро, ама цените не се исти.
Гости на вечерашниот концерт ќе бидат неговите пријатели и долгогодишни соработници: Никола Перевски – Пере од „Нокаут“ и пејачката Тамара Тодевска.
Вчеравечер, Џамбазов заедно со колегите од Македонскиот народен театар (МНТ), ја изведе претставата „12“ во Домот на култура „Григор Прличев“, како дел од програмата на „Охридско лето“. По концертот, тој се враќа во Дојран, каде што, како што вели, е во финална фаза изградбата на неговата куќа со поглед на езерото.