Косовското собрание руши рекорди – неуспешен педесетти обид за конституирање на парламентот
Косовските пратеници и денеска, по педесетти пат, не успеаја да го конституираат новиот парламентарен состав, со што институционалната криза што ја тресе земјата веќе неколку месеци добива нова длабочина.
На денешната седница, од вкупно 104 присутни пратеници, само 53 гласаа за формирање на Комисијата која треба да го организира гласањето за избор на претседател на Собранието – бројка недоволна за нејзино усвојување.
Главната пречка останува длабокиот политички раздор меѓу партиите. Движењето „Самоопределување“ на Албин Курти инсистира кандидатката Аљбулена Хаџиу да биде поддржана преку тајно гласање, додека останатите политички субјекти – ДПК, ДЛК, Српска листа, ААК и Нисма – остануваат на спротивставени позиции и го блокираат процесот.
Ваквиот развој на настаните доаѓа на само неколку дена пред истекот на уставниот рок од 30 дена, кој, според одлуката на Уставниот суд, завршува на 26 јули. Доколку и наредниот обид не успее, можно е претседателката на Косово да се обрати повторно до Уставниот суд, поради, како што се наведува, „континуираната блокада и различното толкување на претходната одлука на Судот од крајот на мај“.
Седницата денеска ја водеше Авни Дехари, кој најави дека следниот обид за конституирање на парламентот ќе се одржи в среда, со почеток во 11 часот.