Потона траект во Конго каде што загинаа 38 лица, а над 100 се водат како исчезнати
Траект преполн со патници кои се враќале дома за Божиќ се преврте на реката Бусира во североисточниот дел на Конго, при што загинаа 38 лица, а повеќе од 100 се водат како исчезнати, Пренесува Гардијан.
Потонувањето се случило помалку од четири дена по превртувањето на друг траект во североисточниот дел на земјата, при што таму загинаа 25 лица.
Траектот патувал како дел од конвој со други пловила, а патниците главно биле трговци кои се враќале дома за Божиќ, изјави Жозеф Жозеф Кангологоли, градоначалник на Ингенде, последниот град на реката пред местото на несреќата.
Според житело на Ингенде, траектот носел „повеќе од 400 луѓе затоа што застанал на две пристаништа, Ингенде и Лоло, на пат кон Боенде, така што има причина да се верува дека има уште повеќе жртви“.
Конголските власти често предупредуваат против преоптоварување на бродови и ветија дека ќе ги казнат оние што ги прекршуваат мерките за безбедност на реките. Меѓутоа, во оддалечените области, многумина не можат да си дозволат јавен превоз по малкубројните достапни патишта.
Најмалку 78 лица се удавија во октомври кога преоптоварен брод потона на истокот од земјата, додека 80 загинаа во слична несреќа во близина на Киншаса во јуни. Последната несреќа предизвика гнев кон владата за тоа што конвојот не бил опремен со спасувачки елеци.
Превртувањата на преоптоварените бродови стануваат сè почести во оваа централноафриканска земја, бидејќи сè повеќе луѓе ги напуштаат малкуте достапни патишта во корист на дрвени пловила кои се распаѓаат под тежината на патниците и нивните стоки, поради безбедносни причини.
Патиштата често се зафатени од смртоносни судири меѓу конголските безбедносни сили и бунтовниците, кои понекогаш ги блокираат главните пристапни рути.