Голем пожар кај Преспанското Езеро – ангажирани авиони и локално население во гаснењето
Попладнево изби голем пожар на брегот на Преспанското Езеро, во близина на селото Долно Перово, при што беше зафатена значителна површина со трска. Пожарот, кој се ширеше со голема брзина поради силниот ветер, се доближи до селото, но според надлежните, веќе не претставува директна закана за жителите.
„Пожарот се ширеше кон селото Перово, но ситуацијата е ставена под контрола. Го гаснат пожарникари од Ресен, со помош од локалното население“, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во видео обраќање од теренот.
Во акцијата за гаснење е вклучен и авион-амфибија „Ер Трактор“ кој интервенира од воздух и ја пресекол линијата на огнот, помагајќи им на наземните сили да воспостават контрола врз пожарот. Втор авион е во подготовка и наскоро ќе биде ангажиран.
Ангелов претходно потврди дека пожарот бил намерно подметнат, а потешкотиите во гаснењето се зголемени поради високите температури и неповолните временски услови, кои оневозможиле ангажирање на хеликоптери.
„Ер тракторот ќе започне со интервенција околу 17:20 часот, земајќи вода директно од езерото. Вториот авион е подготвен да полета во секој момент. Засега, според локалните власти, нема потреба од евакуација на населението“, информираше Ангелов.