Пад на цените на нафтата поради можност за олеснување на санкциите кон Венецуела
Цените на нафтата на светските берзи забележаа пад под границата од 69 долари за барел, поттикнати од сигналите дека САД би можеле да ги ублажат санкциите кон Венецуела.
На лондонскиот пазар цената на барел изнесува 68,85 долари, додека на американскиот – 65,61 долар, јавуваат светските агенции.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп разгледува можност за издавање ограничени лиценци на компании кои би работеле со венецуелската државна нафтена компанија PDVSA. Претходно, во февруари годинава, Трамп ги укина постоечките дозволи и наложи повлекување на американските фирми од Венецуела до крајот на мај.
Доколку дојде до одобрување на новите дозволи, повеќе од 200.000 барели венецуелска нафта дневно би можеле повторно да се најдат на пазарот, што би помогнало во ублажување на глобалниот недостиг на т.н. „тешка нафта“.
И покрај падот на светските берзи, горивата во Македонија никако да стигнат до цената пред израелско-иранскиот конфликт.