Македонци вложиле над 50 милиони евра во станови во Грција, цените дома достигнуваат рекордни нивоа
Во последните пет години, македонските граѓани и компании инвестирале над 50 милиони евра во недвижности во Грција, покажуваат податоците на Банката на Грција. Само минатата година се слеале 19 милиони евра за купување станови, најчесто мали апартмани до 50 квадратни метри во Солун и на Халкидики.
Се смета дека реалната бројка може да биде и повисока, со оглед дека многу македонски државјани поседуваат пасоши од земји-членки на ЕУ.
Интересот за купување во странство расте паралелно со драстичниот раст на цените на станбениот пазар во Македонија. Во 2020 година квадрат во Центарот на Скопје чинел околу 950 евра, додека денес цените се движат од 2.000 до дури 3.500 евра по квадратен метар, покажуваат податоците на специјализираните платформи за недвижности.
Така, за стан од 60 квадрати во главниот град се потребни до 160.000 евра – сума за која може да се купи недвижност покрај море во Грција, Црна Гора или некои делови од Хрватска и Кипар. Најевтин квадратен метар на море во ЕУ е во Бугарија, каде се движи меѓу 1.000 и 1.600 евра.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изрази загриженост за енормниот раст на цените и истакна дека половина од становите се купуваат во кеш, без познато потекло на средствата. Тој најави мерки во координација со други институции.
Според податоците на Народната банка, цените на становите во вториот квартал од годинава бележат годишен раст од над 22 проценти, а од 2021 досега пораснале за околу 80 проценти. Во исто време, податоците од пописот од 2021 покажаа дека речиси 60.000 станови во Скопје стојат празни, и покрај тоа што во меѓувреме се изградени нови илјадници.