Приведени двајца скопјани на Табановце – се претставувале како дипломат и вработен во МВР

5

На граничниот премин „Табановце“, на 25 јули 2025 година околу 14:45 часот, биле приведени две лица од Скопје, на возраст од 59 и 55 години, под сомнение за фалсификување документи и лажно претставување.

Според информациите од полицијата, С.С., кој управувал патничко возило „Volkswagen Golf“ со скопски регистарски ознаки, при обид за влез во земјата се претставил како дипломат пред припадници на ФРОНТЕКС, приложувајќи сомнителна патна исправа наводно издадена од Европски полициски комитет. Пред македонските гранични службеници, истиот се претставил како вработен во Министерството за внатрешни работи, но не поседувал службена легитимација.

При детална контрола на лицата и возилото, биле пронајдени повеќе сомнителни документи и предмети – вклучувајќи патни исправи, една биометриска страна од пасош, четири лични карти, два пластични печати и други докази.

Двајцата се лишени од слобода, а предметите се одземени. Против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави по член 378 од Кривичниот законик – „фалсификување исправа“. Надлежните органи продолжуваат со истражни дејствија за целосно расчистување на случајот.

Makedonski