Македонија останува без мрежа за следење земјотреси – дали е загрозена безбедноста на граѓаните?

4

На почетокот на 2026 година, Македонија ќе остане без мрежата од 13 привремени сеизмолошки станици поставени во рамки на меѓународниот проект AdriaArray, што сериозно ќе го загрози следењето на сеизмичката активност на нејзина територија. Проектот, кој е дел од иницијативата на европската организација ORFEUS, започна во 2023 година и вклучува поставување на современа опрема за мерење на земјотреси, која наскоро ќе биде повлечена.

Професорката Катерина Дрогрешка, раководителка на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ – Скопје, предупредува дека со завршување на проектот, државата останува без опрема за мониторинг, со што се зголемува ризикот по безбедноста на населението и инфраструктурата во случај на силен земјотрес.

Следењето на сеизмичката активност е клучно за заштита на јавноста. Технолошкиот напредок е голем, но ние остануваме без основни алатки за работа. Ова е аларм за итна реакција.

истакна Дрогрешка.

Институцијата бара помош од надлежните за набавка на најмалку десет нови сеизмолошки станици, при што една чини околу 30.000 евра. Освен опремата, Опсерваторијата се соочува и со недостиг од стручен кадар – во моментов таму работат само тројца сеизмолози и тројца млади истражувачи.

Проблемот е хроничен – со години нема нови вработувања, и покрај тоа што студиите по геофизика и метеорологија се стипендирани како дефицитарни. Недостигот на кадар и опрема ја доведуваат под прашање функцијата на Опсерваторијата, единствената институција во земјава овластена да ги анализира и објавува официјалните податоци за земјотреси.

Во контекст на сеќавањата од скопскиот земјотрес од 1963 година, Дрогрешка потсетува дека Скопската Котлина лежи на активни раседи и е подложна на умерени до силни потреси. Токму затоа, континуираниот мониторинг е неопходен.

Ние не можеме да предвидиме земјотреси, но мора да ги следиме сите индикатори. Без опрема, ја губиме и таа можност.

вели таа.

Опсерваторијата апелира за итна поддршка, со цел да се спречи целосно затворање на мрежата за мониторинг. Во меѓувреме, тие продолжуваат со едукативни активности за подигање на свеста кај ученици и граѓани за правилно однесување при земјотрес.

Makedonski