Гнев и разочараност на Маршот на ангелите: „Го продадовте споменот на децата за ситни пари“

7

Со силни емоции и остри зборови, родителите на децата кои ги загубија животите во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани повторно ја искажаа својата болка и разочараност на 16-тиот „Марш на ангелите“. Една од мајките, јавно ги прозва родителите кои, според неа, се откажале од борбата за правда во замена за материјални и лични придобивки.

„Родители кои за ситни пари и подобра функција го продадовте споменот на вашето дете – каде ќе ви оди душата? Во пеколот! Таму не се вашите деца, и никогаш нема да ги видите“, порача таа, видно потресена, нагласувајќи дека трагедијата која требаше да обедини, наместо тоа донела политизација, апатија и презир.

Во своето обраќање, таа трагедијата во Кочани ја спореди со катастрофалниот земјотрес во Скопје, истакнувајќи дека пожарот претставува една од најголемите несреќи во поновата историја на државата. Потсети дека во огнената стихија животот го загубија 62 деца, над 200 беа повредени, а уште 300 се соочуваат со трајни психички последици од трагичната вечер на 16 март 2025 година.

„Оваа ноќ ќе остане вечна траума, не само за преживеаните, туку и за целиот град. Кочани никогаш нема да ја заборави таа ноќ“, рече таа.

Друга мајка, пак, го критикуваше текот на истрагата што ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, посочувајќи дека предметот против полицајците кои се гонат за пропусти намерно се развлекува и дека правдата се оддалечува.

Makedonski