САД и ЕУ постигнаа историски трговски договор — Трамп и Фон дер Лајен го нарекоа „огромен успех“

2

Соединетите Американски Држави и Европската Унија постигнаа нов трговски договор, кој американскиот претседател Доналд Трамп го оцени како „најголемиот досега“. Договорот беше објавен по неговата средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во едно од одморалиштата во Шкотска.

„Постигнавме договор кој е добар за сите. Ова е чекор кон поблиско партнерство“, изјави Трамп, нагласувајќи дека договорот особено ќе биде поволен за автомобилската индустрија.

Фон дер Лајен го поздрави договорот како „огромен исчекор“, посочувајќи дека истиот е резултат на долги и напорни преговори. Таа потврди дека договорот предвидува 15-процентни царини за европските стоки, значително пониски од првичната закана на Вашингтон од 30 отсто.

Покрај царинските стапки, договорот опфаќа и значајни обврски за инвестиции и купување енергија од страна на ЕУ во вредност од милијарди долари.

Главна тема на преговорите, според Трамп, била „праведноста“ во трговијата, посочувајќи ги високите бариери за американскиот извоз на автомобили и земјоделски производи во Европа. Претходно, Трамп често се закануваше со зголемени царини, со цел да ги намали трговските дефицити на САД со клучните партнери, вклучувајќи ја и ЕУ.

Во случај договорот да не беше постигнат, ЕУ имаше подготвено контрамерки во вид на царини на американски стоки во вредност од 93 милијарди евра.

Фон дер Лајен, пред средбата, го нарече Трамп „тежок, но ефективен преговарач“ и се заложи за подобар биланс во билатералната трговија.

САД и ЕУ се најголеми трговски и инвестициски партнери во светот. Во 2024 година, вкупната размена на стоки меѓу двете економии достигна речиси 976 милијарди долари. САД увезоа околу 606 милијарди долари стоки од ЕУ, а извезоа 370 милијарди долари, при што трговскиот дефицит останува клучна грижа за американската страна.

Makedonski