Тешка железничка несреќа во Германија: Тројца загинати, десетици повредени
Тројца загинаа, а најмалку 34 лица се повредени, од кои тројца потешко, откако патнички воз излета од шините во југозападниот дел на Германија, соопштија надлежните служби.
Несреќата се случила попладнево во близина на градот Ридлинген, во покраината Баден-Виртемберг, во ридско и шумско подрачје. Возот Regional Express 55, кој сообраќал во правец на градот Улм, излетал од пругата околу 18:10 часот, кога бил и упатен првиот повик до службите за итна помош.
На местото веднаш се упатиле спасувачки тимови и екипи од итната медицинска служба, а операцијата се одвивала во отежнати услови поради теренот.
Иако засега не е потврдено дали временските услови директно придонеле за несреќата, полицијата за германскиот весник Билд изјавила дека поширокиот регион на Улм бил зафатен од бура во времето на инцидентот.
Првичните информации за жртвите и повредените ги објави локалниот весник Швебише Цајтунг, повикувајќи се на извештаи од службите на терен. Причините за несреќата се сè уште непознати, а истрагата е во тек.