ФФМ утре ќе го спроведе извлекувањето за новата сезона во Првата, Втората лига и Купот на Македонија
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за утре во 12 часот го најави извлекувањето на натпреварувачките броеви за сезоната 2025/2026 во Првата и Втората македонска фудбалска лига, како и паровите за шеснаесетфиналето од Купот на Македонија.
Извлекувањето ќе се одржи во согласност со актуелните прописи и правилници, во присуство на претставници од клубовите и надлежните тела на федерацијата.
Новата сезона во Првата лига започнува на 8 август и ќе донесе неколку новитети, меѓу кои и воведувањето на ВАР технологијата во домашниот шампионат. Исто така, за првпат натпреварите ќе се играат во три термини — петок, сабота и недела.
Почетокот на Втората лига е закажан за 23 август, додека утре ќе биде објавен и распоредот за натпреварите од 1/16 финалето во националниот Куп.