За 13 месеци, пратеникот Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ зел 13.200 евра за гориво и патарини

6

Највисока сума за претходните 13 месеци му била исплатена на пратеникот ВМРО-ДПМНЕ Кире Божиновски од Ресен, кој зел околу 13.200 евра (810.897 денари) или во просек по 1.000 евра месечно, објави Радио слободна Европа (РСЕ). Тие ги објавија сумите кои ги земаат пратениците за патни трошоци, како и сумите кои биле потрошени за закуп на стан во Скопје за одредени пратеници.

Како што објавува РСЕ, податоците покажуваат дека сумата од 303.320 евра – од кои 26.717 за патарини и 276.603 за гориво, е исплатена за 65 од вкупно 120 пратеници од актуелниот парламентарен состав и тие се однесуваат на периодот од денот на одржување на конститутивната седница – 28 мај 2024 до 30 јуни 2025 година.

Како што се наведува, од актуелниот собраниски состав, како што беше и случај во претходните, најмногу пари за патни трошоци земаат пратениците кои имаат „најголема километража“ односно живеат најдалеку од Скопје.

Покрај Божиновски, неговиот сопартиец од Прилеп, Петар Ристески е втор на листата со 12.000 евра (741.375 денари) за патни трошоци. Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН (ВРЕДИ) Беким Ќоку, кој доаѓа од Струга, добил околу 10.800 евра (661.892 денари). Со сума од речиси 10.000 евра (603.631 денар) е и уште еден пратеник од Струга, Јован Митрески од СДСМ.

По околу 9.150 евра им биле исплатени и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кавадарчанецот Зоранчо Јованчев (562.459 денари) и валандовчанката Јулија Тушевска (561.568 денари). Меѓу оние кои зеле најмногу пари е и поранешниот пратеник Селим Сулејмани од крилото на Алијанса за Албанците предводено од Арбен Таравари, кој наплатил 9.000 евра (552.154 денари). Сулејмани си поднесе оставка во мај, периодот кога Таравари ја напушти коалицијата ВЛЕН поради што јавно го критикуваше за „приближување кон ДУИ“.

Со патни трошоци над 500.000 денари односно над 8.000 евра во актуелниот собраниски состав се и уште двајца пратеници од Прилеп – Дејан Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ и Миле Талевски од СДСМ. Тие добиле по околу 8.800 односно 8.300 евра.

Makedonski