Политички судири меѓу ВЛЕН и Таравари: обвинувања за предавство и прикриени договори со ДУИ

4

Политичката коалиција ВЛЕН упати остри критики кон Арбен Таравари, обвинувајќи го дека дејствувал како посредник меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оттаму прашуваат што го натерало Таравари, кој претходно остро ја критикуваше ДУИ, да бара токму нивно вклучување во новата влада.

„Зошто Таравари тајно го убедувал Мицкоски да го земе ДУИ во Владата? Дали тоа е истата партија што тој самиот ја нарекуваше ’политички труп‘?“ – се наведува во реакцијата на ВЛЕН, додавајќи дека Таравари на тој начин ги изневерил граѓаните кои гласаа за промена.

Од ВЛЕН тврдат дека планот на Таравари и Артан Груби бил да се саботира коалицијата ВЛЕН, која ја доби поддршката на мнозинството албански гласачи, и да се овозможи враќање на ДУИ во власта „преку прозорец, откако народот ги избрка преку вратата“.

„Таравари во јавноста навредуваше и дискредитираше ВЛЕН, додека истовремено го фалеше премиерот – сè со цел да остане во владината коалиција“, се наведува понатаму, при што се алудира и на можни лични интереси или притисоци поврзани со фирми и блиски соработници.

На обвинувањата реагираше и самиот Таравари, кој потсети дека премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница јавно ги демантираше тврдењата на лидерот на ВЛЕН, Арбен Фетаи, нарекувајќи ги клевети. Според Таравари, тоа било институционално разобличување на, како што вели, проектот ВЛЕН, за кој тврди дека е „заробен и контролиран од центри на моќ“.

„Во оваа земја, никој досега не отишол во опозиција под ’притисок‘, освен ако бил уценуван поради афери и досиеја. Тие денес молчат пред сите прекршувања на Мицкоски. Тоа молчење не е стратегија – тоа е предавство“, порача Таравари.

Тој ја обвини ВЛЕН дека станала продолжена рака на влада со, како што вели, отворено антиалбански ставови, и дека нивното дејствување претставува „политичко самоубиство и национално понижување“.

„Албанскиот електорат не може веќе да биде измамен со празни зборови. Денес, токму ВЛЕН треба да одговори – дали се соработници, жртви или, уште полошо, агенти на тензии во општеството?“ – прашува Таравари.

Makedonski