Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати осуда за ксенофобичните извици кои се слушнаа од дел од публиката на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија во Куманово. Тој апелираше до навивачките групи да го поддржуваат својот тим спортски и достоинствено, без навреди и говор на омраза.
„Иако лично не го забележав скандирањето додека присуствував на натпреварот, бидејќи се работеше за мала група присутни, сепак сакам јасно да се приклучам кон осудата на ваквиот говор и однесување. Национализмот и ксенофобијата немаат место ниту во спортот, ниту во нашето општество“, изјави премиерот.
Мицкоски потенцираше дека Владата поддржува спортско навивање и фер атмосфера, а сите инциденти поврзани со говор на омраза ќе бидат предмет на институционална истрага и санкции, независно од кој ги предизвикува.
„Уште еднаш јавно го осудувам националистичкото и ксенофобично скандирање на неколкумина кои не добија поддршка од останатите присутни“, додаде тој.
Осуда пристигна и од страна на Општина Куманово, која беше домаќин на спортскиот настан. Од кабинетот на градоначалникот порачаа дека Куманово останува град на мултиетнички соживот и дека спортот треба да обединува, а не да создава тензии.
„Иако натпреварот помина во позитивна и ретко видена атмосфера, ден подоцна беше забележано дека во еден момент од трибините се слушнаа неприфатливи пароли кои поттикнуваат етничка нетрпеливост. Таквото однесување не е дел од вредностите на Куманово“, стои во реакцијата на општината.
Инцидентот се случи при официјалното отворање на реконструираната спортска сала, а ксенофобичното скандирање беше осудено и од Кошаркарската федерација на Македонија, политички партии и граѓански организации. Јавното обвинителство веќе отвори постапка за утврдување дали се работи за говор на омраза.