Албанија може да стане првата држава во светот со целосно безготовинска економија, ако се реализира визијата на премиерот Еди Рама. Владата постави цел до 2030 година да ја елиминира готовината, во обид да се справи со високото ниво на сива економија. Но, амбициозниот план наиде на отпор и скепса — како кај граѓаните, така и кај дел од експертите и политичката опозиција.
„Елиминирањето на готовината е апсолутен приоритет за земји со висока неформалност и голем обем на нелегални пари“, изјави професорот по економија Селами Џепа за Политико. Според податоците, неформалната економија во Албанија сочинува меѓу 29 и 50 отсто од БДП.
И покрај намерата, реалноста на терен е поинаква. Поголемиот дел од населението сè уште претпочита да користи кеш, а многу продавници, такси служби и мали бизниси не прифаќаат картички. Граѓаните не веруваат во банкарскиот систем — анкети покажуваат дека само 34 отсто имаат доверба во банките, а помалку од половина имаат банкарска сметка.
Историските трауми дополнително го потхрануваат недовербата. Пирамидалните шеми од 1990-тите, во кои илјадници Албанци ги загубија своите заштеди, оставија длабоки последици. Тогашната финансиска катастрофа доведе до масовни протести и немири, со околу 2.000 загинати и економски штети од над една милијарда долари.
Банкарските трошоци и провизии се високи – испраќање пари може да чини и до 10% од износот, а трговците плаќаат до 3,5% за обработка на картички. Тоа ги одвраќа и граѓаните и бизнисите од дигитални плаќања.
Планот за дигитална трансформација вклучува ограничување на кеш-трансакциите и приклучување кон европскиот платен систем СЕПА до октомври. Но, според критичарите, тој е повеќе политичка манипулација отколку реална економска стратегија.
„Тоа е напад врз личната слобода“, вели Генц Поло од Демократската партија. „Рама само сака да го одвлече вниманието од корупцијата и економските проблеми“, додава Ералд Капри од опозицијата.
И додека земји како Шведска веќе се ближат до целосно дигитално општество, патот на Албанија кон таа цел е полн со економски, социјални и технолошки предизвици. Без стабилен, евтин и доверлив банкарски систем, безготовинската иднина на земјата останува неизвесна.