Се решава проблемот со паркирањето на Клиничкиот центар – се најавува нов дигитален паркинг со 300 места

7

По долгогодишниот сообраќаен хаос и недостаток на паркинг-простор во Клиничкиот центар во Скопје, Министерството за здравство најави конкретни чекори кон трајно решение. Министерот Азир Алиу информираше дека најдоцна до утре ќе биде потпишан договор со ЈП „Градски паркинг“ за изградба на модерен, целосно дигитализиран паркинг со капацитет од 300 возила и 24-часовен мониторинг.

„Станува збор за ‘паметен’ паркинг кој автоматски ќе го следи и контролира движењето на возилата од влез до излез. Ќе има посебни влезови, вклучително и за кардиолошкиот оддел, каде времето е критичен фактор“, изјави Алиу, додавајќи дека капацитетот ќе се зголеми двојно преку подобра организација на просторот.

Цените на услугата сè уште не се дефинирани, но се предвидува паркингот да биде достапен под различни услови за четири категории корисници. Онколошките пациенти ќе имаат бесплатен пристап, додека другите пациенти, вработените и посетителите ќе плаќаат според различни тарифи.

Инаку, со постоечкиот паркинг во кампусот управува ЈП „Градски паркинг“, но бројот на паркинг-места досега не ги задоволуваше потребите на Клиничкиот центар. Новиот проект има за цел значително да ја подобри пристапноста и функционалноста на сообраќајот во комплексот.

Makedonski