Израелскиот кабинет за безбедност одобри план за заземање на градот Газа
Израелскиот кабинет за безбедност утрово го одобри планот за преземање контрола врз градот Газа, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, пренесуваат светските агенции.
Со оваа одлука, израелската армија ќе започне подготовки за влегување во градот, што претставува нова фаза во 22-месечната воена офанзива против Хамас, започната по нападот на 7 октомври 2023 година.
Воените дејства досега резултираа со десетици илјади загинати Палестинци, уништена инфраструктура и хуманитарна криза во Појасот Газа, каде што живеат околу два милиони луѓе.
Пред донесувањето на одлуката, премиерот Нетанјаху изјави дека конечната цел на Израел е целосна контрола над Појасот Газа, со план истата подоцна да биде пренесена на „пријателски арапски сили“ кои се против Хамас. Меѓутоа, дел од израелското воено раководство и јавноста изразија резерви околу ваквиот пристап.
Началникот на Генералштабот предупреди дека ваквата операција може да го загрози животот на околу дваесетте израелски заложници кои се сѐ уште во рацете на Хамас, како и да ги надмине капацитетите на армијата. Семејствата на заложниците се исто така против, стравувајќи дека понатамошна ескалација ќе ги загрози нивните најблиски.
Израелската војска веќе спроведе низа напади врз градот Газа, при што борците на Хамас повторно се прегрупираа во различни делови на градот. Денес, оваа урбана област е една од последните што не е ставена под целосна израелска контрола или наредба за евакуација.
Потенцијална копнена операција би предизвикала нов бран раселување и дополнително би ја влошила хуманитарната состојба. Сѐ уште не е познато колку жители се вратиле во Газа по прекинот на огнот порано оваа година.
Воени експерти и поранешни безбедносни функционери предупредуваат дека операцијата би можела да ја продлабочи меѓународната изолација на Израел, без значајни стратешки придобивки. Семејствата на заложниците организираа протести пред зградата на кабинетот во Ерусалим, повикувајќи на воздржаност и наоѓање дипломатско решение.