Самопрогласена држава на границата меѓу Хрватска и Србија: Млад Британец прогласи независност и веќе има „влада“ и „пасоши“
Млад Британец по потекло од Австралија, Даниел Џексон, се прогласи за претседател на самопрогласената држава „Слободна Република Вердис“, лоцирана на спорен дел од територијата меѓу Хрватска и Србија, објави „Њујорк Пост“.
Вердис, која се простира на помалку од 50 хектари шума покрај реката Дунав, Џексон ја основал откако открил дека земјиштето не е официјално побарано ниту од Загреб ниту од Белград поради нерешениот граничен спор.
„Вердис беше идеја која ја имав кога имав 14 години“, изјави Џексон, кој денес има 20 години. „Во почетокот беше само експеримент со неколку пријатели – сите сонувавме да создадеме нешто лудо“, пренесува американскиот медиум.
Официјалната декларација за независност Џексон ја прогласил на 30 мај 2019 година, а територијата позната на картите како „Џеб три“ сега се смета за втора најмала држава во светот – веднаш по Ватикан.
Како дигитален дизајнер кој заработува од креирање виртуелни светови на платформата „Roblox“, Џексон започнал да го развива Вердис во функционална влада уште на 18-годишна возраст.
„Создадовме закони, дизајниравме знаме и изградивме влада со одличен кабинет“, истакнува тој.
Во Вердис официјални јазици се англискиот, хрватскиот и српскиот, а државата користи евро како валута. Пристапот до територијата е можен само преку чамец од хрватскиот град Осиек, а обидите за населување наишле на отпор.
„Имавме бројни проблеми со хрватските власти. Не нè пречекаа со добредојде, напротив – беа агресивни“, вели Џексон, додавајќи дека се надева на подобри односи во иднина.
Во спротивност, тој вели дека во Србија наишол на многу поголемо разбирање и дека често патува во Белград, каде што службениците биле многу пољубезни.
Секој граѓанин на Вердис добива пасош, но Џексон предупредува дека документот не треба да се користи за вистински меѓународни патувања – иако, според него, некои граѓани веќе го користеле во странство.
„Бидејќи сме мала земја, внимателно бираме кој може да стане граѓанин. Ги преферираме оние со потребни вештини – медицински персонал, поранешни полицајци и слично“, вели Џексон.
Според него, Вердис е повеќе од обичен експеримент – тоа е идеја што сега добива облик на вистинска „микро-држава“.