Енвидиа и АМД се согласија да ѝ платат на американската влада 15 отсто од нивниот извоз во Кина
Гигантите за производство на чипови Енвидиа и АМД се согласија да ѝ платат на американската влада 15% од нивната продажба на полупроводници во Кина, пренесува Би-Би-Си.
Решението е дел од договорот за обезбедување лиценци за извоз во втората најголема економија во светот.
„Ги следиме правилата што ги поставува американската влада за нашето учество на светските пазари. Иако со месеци не испорачуваме во Кина, се надеваме дека правилата за контрола на извозот ќе ѝ дозволат на Америка да се натпреварува во Кина и низ целиот свет“, изјавија од Енвидиа и додадоа дека Америка не може да ја повтори 5G и да го изгуби телекомуникациското лидерство.
Според договорот, Енвидиа ќе исплати 15% од своите приходи од продажбата на чиповите H20 во Кина на американската влада, додека АМД ќе го даде истиот процент од своите приходи од чиповите MI308.
Чарли Даи, потпретседател и главен аналитичар во глобалната истражувачка фирма Форестер, рече дека овој договор е без преседан.
„Договорот ја нагласува високата цена на пристап до пазарот во услови на ескалација на тензиите во технолошката трговија, создавајќи значителен финансиски притисок и стратешка неизвесност за продавачите на технологија“, додаде тој.
Вашингтон претходно ја забрани продажбата на чиповите H20 на Енвидиа на Пекинг поради безбедносни причини, иако фирмата неодамна објави дека ова ќе биде поништено. Овие моќни чипови се користат во апликации за вештачка интелигенција (ВИ).
„Или има проблем со националната безбедност или нема. Ако се плати 15%, тоа некако не го елиминира проблемот со националната безбедност“, рече Дебора Елмс, раководител на трговската политика во Фондацијата Хинрих.
Чипот H20 е развиен специјално за кинескиот пазар откако администрацијата на Бајден во 2023 година воведе ограничувања за извоз во САД. Неговата продажба беше ефикасно забранета од администрацијата на Трамп во април оваа година.
Извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, помина месеци лобирајќи кај двете страни за продолжување на продажбата на чиповите во Кина. Според извештаите, минатата недела се сретнал со американскиот претседател Доналд Трамп.
Продолжувањето на продажбата на чипови во Кина доаѓа во време кога трговските тензии меѓу Пекинг и Вашингтон се намалуваат.
Пекинг ги олабави контролите врз извозот на ретки метали, додека САД ги укинаа ограничувањата за фирмите за софтвер за дизајн на чипови што работат во Кина.
Во мај, двете најголеми економии во светот се согласија на 90-дневно примирје во нивната војна со царини.
Оттогаш, врвни трговски претставници од двете страни се состанаа во неколку наврати, иако договор за продолжување на паузата за царини сè уште не е потврден пред крајниот рок на 12 август.