Израел го бомбардира градот Газа, загинаа најмалку 11 лица

1

Израелски авиони и тенкови продолжија да ги бомбардираат источните области на градот Газа во текот на ноќта, при што загинаа најмалку 11 лица, а лидерот на Хамас, Калил Ал-Хаја, пристигна во Каиро на разговори за оживување на планот за прекин на огнот поддржан од САД, јавува Ројтерс.

Последната рунда разговори во Катар кон крајот на јули, заврши без решение, кога Израел и палестинската милитантна група Хамас се обвинија за недостатокот на напредок во предлогот на САД за 60-дневно примирје и договор за ослободување на заложниците.

Оттогаш Израел соопшти дека ќе започне нова офанзива и ќе ја преземе контролата врз градот Газа, кој го освои кратко по избувнувањето на војната во октомври 2023 година, па потоа се повлече.
„Средбите на Хамас со египетските претставници, кои треба да започнат денеска, ќе се фокусираат на начините за запирање на војната, доставување помош и запирање на страдањето на нашиот народ во Газа“, изјави во соопштението официјален претставник на Хамас, Тахер ал-Ноно.
Планот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за проширување на воената контрола врз Газа, од друга страна, предизвика глобално негодување поради уништувањето, раселувањето и гладот што ги погодуваат 2,2 милиони жители на Газа.

Планот, исто така, предизвика критики и во Израел, каде претставници на воениот штаб предупредуваат дека може да ги загрози преживеаните заложници и да се покаже како смртоносна стапица за израелските војници. Најавата за преземање на градот Газа предизвика и страв од понатамошно раселување на околу еден милион Палестинци во регионот на градот Газа.

Министрите за надворешни работи на 24 земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Канада, Австралија, Франција и Јапонија, вчера изјавија дека хуманитарната криза во Газа достигнала незамисливи нивоа и го повикаа Израел да дозволи неограничена помош во енклавата.

Израел негира одговорност за гладот во Газа, обвинувајќи го Хамас за кражба на помош. Вели дека презел чекори за зголемување на испораките, вклучително и паузирање на борбите во делови од денот во некои области и објавување заштитени рути за конвои со помош.

Палестински функционер запознаен со посредништвото во преговорите за прекин на огнот изјави дека Хамас е подготвен да се врати на преговарачката маса, а лидерите во  Каиро ќе го потврдат тој став.
„Хамас верува дека преговорите се единствениот начин да се стави крај на војната и е отворен да разговара за какви било идеи што би обезбедиле крај на војната“, изјави за Ројтерс функционерот, кој побара да не биде именуван.
Сепак, се чини дека јазот меѓу страните останува голем по клучните прашања, вклучувајќи го обемот на какво било повлекување на израелската војска и барањата Хамас да се разоружа. Функционер на Хамас изјави дека исламистичкото движење е подготвено да се откаже од управувањето со Газа во име на непартиски комитет, но нема да се откаже од оружјето пред да се воспостави палестинска држава.
Нетанјаху, чии крајно десничарски ултранационалистички коалициски сојузници сакаат целосно израелско преземање на цела Газа, вети дека војната нема да заврши сè додека Хамас не биде искоренет.

Makedonski