Новиот тетовски ДУП предвидува уривање на ТЦ „Ловец“ и изградба на две кули од по десет ката
Тетовската граѓанска иницијатива „Тетово сака парк“ предупредува за нова бетон-акција на општинските власти која предвидува уривање на култниот градски трговски центар „Ловец“, а на негово место да никнат две огромни кули со по десет ката.
Новиот предлог-Детален урбанистички план (ДУП) за урбаната единица УБ 42, во кој спаѓа и култниот трговски центар „Ловец“ во Тетово, предвидува целосно уривање на комплексот и изградба на две масивни кули.
Јавната презентација за планот се одржа пред два дена, но информацијата беше објавена само 48 часа претходно – практика што, според дел од граѓаните, се користи за да се намали можноста заинтересираните да присуствуваат. На презентацијата, ретко за вакви случаи, присуствувал и градоначалникот Биљал Касами, само неколку недели пред локалните избори.
Планот предвидува нов објект за трговски центар висок 8 метри, кој ќе го зафати целиот простор на „Ловец“ и постоечките бараки. Во средината објектот ќе достигнува висина од 19,2 метри (пет ката), а на краевите ќе се издигнат две кули од по 34,2 метри (десет ката).
Сообраќајното решение, пак, предвидува единствен влез и излез преку сегашниот пристап пред Старата пошта, без можност за дополнителен колски приод, што дополнително ќе го оптовари веќе загушениот сообраќај.
Покрај тоа, долж улиците „Страшо Пинџур“ и „Тодор Циповски-Мерџан“, планот предвидува осумкатници наместо сегашните згради од три и четири ката, во непрекината низа од поранешниот ресторан „Ловец“ до Старата пошта.
Граѓаните прашуваат кој е иницијаторот на измените на ДУП-от и чиј интерес е вака интензивно урбанизирање на централното градско подрачје, на сметка на сообраќајниот колапс, инфраструктурните капацитети, циркулацијата на воздухот и сончевата изложеност.
„Зошто наместо мегаломански згради, не се вложи во реновирање на фасадите, уредување на партерот, зеленило и нови урбани содржини – како што прават скопските општини Центар и Карпош – во интерес на жителите и централното градско јадро?“, реагираат од јавноста.
Прашањето кое останува е – до кога ваквите урбанистички решенија ќе се носат без вистинска јавна дебата и во спротивност со јавниот интерес?