Цвета Ристовска ќе ја води Антикорупциската комисија за време на локалните избори

3

Членката на ДКСК, Цвета Ристовска, е едногласно избрана за заменик-претседател на Антикорупциската комисија, позиција што ќе ја преземе на 21 август, по истекот на мандатот на актуелната заменичка Билјана Каракашева Шулев. Таа ќе ја води Комисијата во периодот на претстојните локални избори, откако функцијата претседател остана испразнета по оставката на Татјана Димитровска.

Ристовска во јавноста е позната како членот што го водеше предметот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, чија диплома беше предмет на проверки. Иако дел од критиките беа дека во минатото соработувала со Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, каде Христовски дипломирал, таа негира дека била дел од наставниот кадар и нагласи дека ангажманите биле повремени и транспарентни.

Просветниот инспекторат утврдил дека нема неправилности во образованието на Христовски, а Антикорупциската комисија во декември едногласно заклучила дека тој ги исполнува условите за функцијата. Во однос на спорниот ТОЕФЛ-сертификат, Обвинителството ја имало надлежноста за проверка, но постапката е затворена без обвинение.

Makedonski