Македонските универзитети повторно надвор од „Шангајската листа“
Ниту еден универзитет од Македонија и годинава не успеа да се најде меѓу најдобрите илјада високообразовни институции во светот, според Академското рангирање на светските универзитети за 2025 година, попознато како „Шангајска листа“, што ја објави организацијата „ShanghaiRanking Consultancy“.
Врвот на листата и натаму е во знакот на американските универзитети – Харвард е прв, Стенфорд втор, а Масачусетс Институтот за технологија (МИТ) трет, со идентичен пласман како претходните две години. На четвртото место е Кембриџ, а петтата позиција ја зазема Калифорнискиот универзитет – Беркли.
Од регионот, највисоко рангиран е Белградскиот универзитет (401–500 место), кој го задржува ланскиот пласман. Универзитетот во Љубљана е на позициите 501–600, а Загрепскиот бележи пад од групата 401–500 на 601–700. Грција има четири универзитети меѓу најдобрите 1000, предводени од Аристотеловиот во Солун и Националниот и каподистријанскиот во Атина.
Освен Македонија, на листата нема институции од Бугарија, Албанија и Косово.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека во текот на овој владин мандат македонските универзитети ќе се приближат кон влез во првата илјада, нагласувајќи ја потребата од поголема научна продукција и следење на светските трендови.
„Шангајската листа“ го оценува квалитетот на универзитетите според шест критериуми, меѓу кои бројот на Нобеловци и Филдсови лауреати, високоцитирани истражувачи, објавени трудови во престижни списанија и присуство во релевантни научни бази.
Дополнително, од јуни годинава, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не е ни меѓу најдобрите 2000 на листата на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR), откако лани беше на 1990-то место.