Жичарницата на Водно во застој – се сервисира по 14 години работа
Жичарницата што ги поврзува Средно Водно и врвот со Милениумскиот крст е надвор од функција повеќе од десет дена поради сервисен зафат. Додека траат поправките, претставникот на синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски, за „Вечер“ изјави дека објектот во изминатиот период работел без валидна работна дозвола.
„Жичарницата одамна не требаше да превезува патници, бидејќи немаше дозвола. Не знам зошто продолжи со работа“, рече Стојановски, додавајќи дека состојбата станала критична и дека сервисот е неопходен. Според него, поправките ќе траат подолго, бидејќи станува збор за голема инвестиција – само едно тркало тежи 190 килограми.
Жичарницата е пуштена во употреба пред повеќе од 14 години, а нејзината изградба чинеше 6,7 милиони евра. На крајот на минатата година Владата најави план за реализација на втората фаза од проектот – делницата од Капиштец до Средно Водно. Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, тогаш истакна дека се прават анализи и пресек на проектот.