Пожарите кај Јажинце и Дворце сеуште активни, интервенираат и воздухоплови
Пожарот што вчера попладне беше ставен под контрола кај тетовските села Рогачево и Јажинце, повторно се разгоре. Од Центарот за управување со кризи информираа дека огнената стихија се реактивирала синоќа околу 22:30 часот, а според утринскиот извештај во 9:00 часот, состојбата останува непроменета – пожарот и натаму е активен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека со помош на жителите на Рогачево ноќеска успеале да изгаснат една од линиите на пожарот.
„Доцна синоќа огнот повторно се активираше во атарот на Јажинце. Поради сувата трева, грмушките и смреките, потпомогнати од ветер, линијата брзо се прошири на над еден километар и се движеше кон магистралниот пат Тетово – Јажинце. На патот поставивме одбрана со десет противпожарни цистерни, осум пинцгауери и еден воден топ на МВР за да не дозволиме огнот да го премине патот,“ изјави Ангелов.
Околу полноќ, тој заедно со својот возач и седуммина мештани од Рогачево започнале со гаснење на левата огнена линија. „Во текот на ноќта успеавме да ја совладаме линијата подолга од еден километар и спречивме да изгорат неколку хектари трева, грмушки и шума,“ додаде Ангелов, упатувајќи благодарност до жителите за нивната храброст и несебична помош.
Десната огнена линија, според него, останала недостапна поради тешкиот терен со густа и бодликава вегетација. Во моментов, на терен делува полициски хеликоптер кој прецизно фрла вода врз критичните точки. Дел од пожарот се движи во насока кон селото Дворце, на пат кон скопската страна.