Поранешниот водител на Фоксњуз, Пит Хегсет е новиот министер за одбрана на САД
Пит Хегсет е новиот министер за одбрана на Соединетите американски држави, откако потпретседателот Џеј-Ди Венс мораше да гласа за него во Сенатот бидејќи резултатот беше нерешен 50 спрема 50. Тоа ја нагласи контроверзноста околу неговата номинација која ја засенија серија обвинувања за злоупотреба на алкохол и сексуално недолично однесување, објави АлЏезира.
Изборот на Хегсет, 44-годишен поранешен водител на Фокс њуз и одликуван ветеран, се смета за победа на претседателот Доналд Трамп во услови кога сите демократи во Сенатот, еден независен сенатор и тројца републиканци беа против неговиот избор.
Втор пат во историјата на САД се случува само еден глас да реши избор на министер во кабинетот на претседателот. Првиот пат беше при првиот мандат на Трамп, кога Бетси ДеВос стана секретарка за образование во 2017 година.
Хегсет, кој ветува дека ќе донесе големи промени во Пентагон, ја презема функцијата шеф на одбраната додека трае војната во Украина, прекините на огнот во Либан и Газа, како и притисокот на администрацијата на Трамп да ја прошири улогата на војската на границата меѓу САД и Мексико.
Тројцата републикански сенатори кои гласаа против Хегсет беа Лиза Мурковски, Сузан Колинс и Мич Меконел, лидерот на републиканската партија во американскиот парламент до овој месец.
Меконел рече дека Хегсет не успеал да покаже дека има способност ефективно да управува со организација толку голема и сложена како војската.
„Само желбата да се биде „агент за промена“ не е доволна за да се пополнат овие чевли“, рече Меконел во изјавата.
Хегсет ќе предводи 1,3 милиони активни членови на службата и речиси еден милион цивили кои работат за американската војска, која има годишен буџет од речиси 1 трилион долари.
Хегсет им рече на пратениците дека, до овој момент, најголемата група што ја управувал била 100 луѓе, а најголемиот буџет бил 16 милиони долари.
Неговата номинација, исто така, беше засенета од низа обвиненија, вклучително и едно неделава од неговата поранешна снаа, која рече дека ја злоставувал својата втора сопруга до степен што таа се криела во плакарот и имале шифра што може да ја користи со пријателите ако таа треба да биде спасена.
Хегсет силно ги негираше обвиненијата, а неговата сопруга претходно негираше какво било физичко малтретирање.